Годините се само обична бројка.
Доказ за тоа е Дона Џин Вајлд, која на 58-годишна возраст се запиша во Гинисовата книга на рекорди за Најдолго време во абдоминална планк позиција (жени). Инспиративната Канаѓанка стоеше во оваа позиција 4 часа, 30 минути и 11 секунди, што е за 10 минути подолго од претходниот рекорд поставен од нејзината сонародничка Дана Гловака.
Дона Џин е мајка на 5 деца и 12 внуци, па разбирливо е зошто имаше огромна поддршка на овој важен за неа настан. Таа го собори рекордот во училиштето во кое работеше пред да се пензионира.
„Сè уште не ми се верува. Ова е како сон“ – рекла таа.
„Најголем предизвик беше да се фокусирам и да ја задржам формата во последниот час“ – додала Дона Џин.
Вајлд стои во планк позиција секој ден по три часа, а за да се подготви за својот подвиг држеше планк по шест часа дневно, разделени по 3 часа двапати дневно. Таа започнала да ја практикува оваа вежба откако си го скршила зглобот и не била способна да трча и да крева тежина.
„Сфатив дека можам да читам и да правам други работи додека држев планк и се вљубив во тоа“ – рекла таа.
Освен тоа што гледа филмови во оваа позиција, Дона Џин ги научи сите испити од нејзините мастер студии додека држела планк.
За успешно да се совлада овој рекорд, прстите од нозете и подлактицата на натпреварувачот мора постојано да ја допираат земјата.Останатиот дел од телото мора постојано да биде подигнат над земјата и да биде исправен.
Рекордот во машка конкуренција е 9 часа, 38 минути и 47 секунди.