Преку креативни оброци полни со здрави намирници, мајка од Македонија ја учи малата ќерка како да се храни правилно и здраво.
Кристина Мицкоски создава забавна уметност во чинија заедно со ќерка си Алексиа не само за да ѝ покаже што треба да јаде, а што не, туку и за да ја поттикне нејзината љубопитност и да ја стимулира нејзината фантазија.
Кристина
„Мотивот за да започнам со креативни оброци е секако ќерка ми. Желбата да се храни здраво и да почне да учи за здравата храна ми е на прво место. Да знае што треба а што не треба да јаде, на кој начин да внесе повеќе свеж зеленчук или овошје во текот на денот. Сето тоа придонесе јас секогаш кога имам инспирација и време да создаваме заеднички креативен оброк полн со витамини.“
„Исто така голем мотив за мене е сознанието дека создавајќи ја креативната чинија со храна, директно влијаеме врз интелектуалниот и креативен развој на децата! Ја поттикнуваме нивната љубопитност и заинтересираност, ја развиваме нивната умешност за распознавање на формите, боите, сензорната анализа на храната низ очите на децата, изборот на храна, поврзаноста на храната и надворешниот свет, препознавање на вкусовите“ – изјави Мицкоски за Femina.mk.
Кристина
Се разбира, најголем мотив за Кристина да измислува нови и нови креации е среќата во очите на нејзината мала принцеза.
„Креативни оброци започнав да создавам сосем случајно. Беше есен, врнежливо попладне, не погодно за излегување надвор, а погодно за игра по дома. Алексиа тој период беше околу две и пол години. Почнавме да пополнуваме време со креативните чинии кои заеднички ги смислувавме. Малку по малку стана забавна и заразна игра за нас две! А за мене, радоста и среќата во нејзините очи, кога ќе ја види храната така сервирана, стана уште поголем мотив за да смислувам нови креации“ – вели таа.
За декорациите со храна, Кристина се инспирира од книгите за добра ноќ кои ги чита со ќерката, од околината и од интернет. Таа ги познава желбите на Алексиа и ги отсликува во своите креации.
„Инспирации црпам од секојдневието, од интернет, околината, книгите за добра ноќ кои ги читаме со Алексиа и нејзините желби“ – додава креативната Македонка.
Кристина
На мајките во Македонија, Мицкоски им порачува дека правилната исхрана е најголемата инвестиција во животот на еден човек и дека таа е клучна за развојот во првите години од животот на детето.
„Децата се нашата сегашност и иднина! А ние сме тие кои треба да се вложиме да имаат среќно и безгрижно детство исполнето со правилна исхрана - најголемата инвестиција во животот на еден човек.“
„Од самото раѓање започнува процесот на образованието за исхрана и тоа трае во текот на целиот живот. Но, првите години се особено важни за развојот на физичкиот и интелектуален развој на малите деца. Изборот на храната и нејзиниот квалитет директно влијаат врз растот на детето, неговиот духовен и физички раст и развој. Да им помогнеме да станат силни и успешни луѓе во иднина!“ – порачува Кристина.