Македонец има хумана мисија пред себе.
Дамјан Марковски пешачи од Скопје кон Острог во знак на благодарност кон Св. Василие Острошки, за подигнување на свеста за интензивирање на медицинската грижа особено кај младите спортисти, но и за собирање средства за набавка на Polar мерачи на срцевиот ритам кои можат да откријат неправилности во срцевиот ритам.
Оваа вест ја објавија од Фондацијата „Марко Божиновски“, основана во чест на прерано починатиот ракометар Марко Божиновски.
Дамјан е спортист кој целата своја младост ја има посветено на фудбалските терени. Тој сега треба да помине 400 километри за да си ја оствари својата цел и да стигне до манастирот Св. Василие Острошки кој имал значаен придонес во оздравувањето на член на неговото семејство.
Хуманиот спортист ги повикува сите да донираат средства за набавка на уредите кои можат да помогнат во спречување на трагедии како онаа која го одзеде животот на Марко.
„Овие уреди можат да откријат неправилности во срцевиот ритам и да обезбедат рани предупредувања за потенцијални срцеви проблеми. Со редовно следење на срцевото здравје на младите спортисти, веруваме дека можеме да спречиме трагедии како онаа која ги однесе животите на Марко и Андреј.“
„Ти благодариме за оваа прекрасна инцијатива Дамјан! Нашите мисли се со тебе и ти посакуваме среќа и лесен пат до крајната цел! Знаеме дека ова нема да биде лесно, но не заборавај дека сите членови и поддржувачи на фондацијата се со тебе“ – стои на нивната Facebook страница.