Кога ќе одите во пензија, дали би сакале да живеете во дом за стари лица или да крстарите со брод?
Марти и Џес Ансен од Австралија веќе една и пол година живеат на море, бидејќи пресметале дека крстарењето е многу поевтино од сместувањето во дом за стари лица. Парот, кој е во пензија, резервирал 51 крстарење едноподруго и планира да плови најмалку до август 2024 година.
„Крстарењето е многу ефикасно. Не мора да се грижите за плаќање кирија, пазарување намирници или перење облека. Ние не сме млади. Крстарењето е многу поевтино од одењето во дом за стари лица, а тоа значи дека можеме да продолжиме да патуваме низ светот“ – рекле тие.
„Ѝ реков на мојата агентка за патување: ‘На што и да наидеш, едноставно резервирај’. На тој начин добив толку долго патување“ – објаснил Марти.
Пензионерите имаат хигиеничарка која им ја чисти собата, храната е вклучена во нивните резервации, а тие секојдневно играат пинг-понг, имаат часови по танцување и други забавни активности. Крстарењето им овозможи на двајцата да ја живеат староста безгрижно, барем во текот на две години.
„Повеќе не знаеме како се пере, не знаеме како се мести креветот, бидејќи не сме ги направиле тие нешта долго време. Па, сега мораме да останеме на бродот за да преживееме“ – се шегуваат тие.
Марти и Џес, кои и претходно имале крстарено, ја започнаа оваа авантура на 16 јуни 2022 година, по рестрикциите поради КОВИД. Досега имаат поминато 500 дена на море, што е повеќе од целиот персонал на бродот, вклучително и капетаните.
„На бродот сме подолго од сите останати. Им имаме посакано добредојде на различни капетани“ – рекле тие.
Еден од капетаните на бродот „Coral Princess“, за парот рекол:
„Секогаш се шегуваме кога заминувам дека кога се враќам, е како да одам повторно да си го видам семејството – мајка ми и татко ми. Тие ми се како втори мајка и татко на палубата“.