Мајка на детенце со Даунов синдром раскажа за средба која ѝ го промени животот и ја потсети дека не е сама.
Мелани Друбеј има пет деца од кои едното има екстра хромозом, па таа постојано се залага за подигнување на свеста за оваа состојба. Мелани била во 10. недела од бременоста кога дознала дека има големи шанси нејзиниот син да има Даунов синдром. Неколку недели подоцна ѝ кажале дека тој има срцева маана и дека ќе му биде потребна операција.
Сите грижи кои ги собирала низ месеците додека била бремена исчезнале кога се родило синчето Хадсон.
„Посакувам да можев да се вратам низ времето и да си кажам дека сè ќе биде во ред. Бидејќи е. Всушност, подобро е отколку што некогаш можев да замислам“ – вели таа.
Прочитајте го текстот кога Мелани сфатила дека не е единствената која се чувствува благословено што има син со Даунов синдром.
Со Хадсон бевме во преполно метро во Њујорк кога се случи тоа.
Тој ми седеше во скутот на седиште покрај вратите, а јас му читав книги додека чекавме да поминеме уште неколку постојки.
Додека возот ја намалуваше брзината на следната станица, одеднаш почувствував допир на ногата и кога погледнав нагоре, видов една жена како стои до мене. Ми се смееше и држеше мало детенце на колкот.
Се прашував дали ќе ми рече нешто за Хадсон или можеби ќе праша за насоки.
Но, тогаш ми рече: „И јас сум благословена со овој дар“ и покажа кон лицето на нејзиното слатко момче, кое сега можев да видам дека има Даунов синдром.
Ја отворив устата за да изговорам нешто, но пред да успеам, таа беше замината зашто со нејзиното мало момче брзаа да излезат пред да се затвори вратата.
Ја гледав како заминува и кога наближа до скалите, се сврти и ми мавна додека заминуваше возот.
Ѝ возвратив, се насмеав и ја наведнав главата пред неа, обидувајќи се да ги задржам солзите.
Никогаш не ја заборавив таа жена и тие зборови.
Таа не рече: „И јас имам дете со Даунов синдром“.
Не рече: „И јас имам дете со попреченост“.
Таа го нарече благослов и дар. Неверојатното е дека само што го изговори тоа, јас знаев точно за што зборува. Бидејќи не постојат подобри зборови за да објаснам што чувствувам за Хадсон.
Од таа средба, често се прашувам каде е жената и нејзиното детенце. Посакувам да можев да седнам со неа и да разговараме колку благословено се чувствуваме и колку е неверојатно да се биде дел од оваа заедница.
Посакувам да ја прашам дали ги има научено истите нешта кои јас ги научив и дали ја има добиено истата перспектива за животот која ја имам и јас. Посакувам нашите момчиња да можеа да си играат и да бидат пријатели.
Најмногу од сè сакам да ѝ кажам како нејзините неочекувани зборови допреа до мене тој ден. Колку е полно моето срце што знам дека и друга мајка се чувствува на истиот начин за нејзиниот син како што јас се чувствувам за мојот.
Бидејќи за мене нема повистинито тврдење од она што таа го сподели со мене тој ден.
„И јас сум благословена со овој дар“.