Дали некогаш сте се осмелиле да ги следите вашите најлуди и навидум недостижни соништа? Токму тоа го направиле Вејн Адамс и Кетрин Кинг кога започнаа да го градат нивниот приватен пловечки остров, кој се наоѓа во близина на копното на островот Ванкувер.
Конструкцијата на островот, наречен „Freedom Cove“, започнала во летото 1991 година и продолжува до ден-денес. Тој се состои од неколку платформи на кои се наоѓаат: нивниот дом, неколку стаклени градини, уметничка галерија, уметничко студио, светилник и подиум за танцување.
Кетрин е танчарка, сликарка и авторка, а Вејн е професионален уметник, скулптор и музичар, па разбирливо е зошто сè што е изградено е поврзано со нивните страсти. Тие се запознале во 1987 година и веднаш сфатиле дека имаат заедничка љубов кон природата. Така се создале нивните планови за градење дом во дивината.
Островот „Freedom Cove“ во најголем дел е изграден од рециклирани материјали и е самоодржлив. Парот сади и одгледува своја храна, а своите дела ги изложува и продава во својата галерија на островот. Тие тврдат дека ако сакаат, можат да живеат на островот без воопшто да треба да го посетат градот.
Островот го имаат посетено бројни туристи, меѓу кои и актерката Рис Витерспун.