Пијанист со велосипед донесе пијано пред салата „Батаклан“ во Париз и ја отсвири „Imagine“ од Џон Ленон. Неговата изведба на пијано на кое беше нацртан знакот на мирот го обиколи светот.
Денес беше откриен идентитетот на музичарот кој допре до милиони срца. Станува збор за пијанистот Давиде Мартело, кој поминал повеќе од 600 километри за да стигне во срцето на Париз, каде во петокот беа убиени десетици обожаватели на музиката.
Мартело го следел фудбалскиот натпревар меѓу Германија и Франција во паб во Германија кога дознал за терористичкиот напад. Веднаш тој донел одлука да отпатува во француската метропола. „Едноставно знаев дека треба да направам нешто. Сакав да бидам таму и да се обидам да дадам утеха, да понудам знак на надеж. Не можам да ги вратам луѓето, но можам да инспирирам со музика, а кога луѓето се инспирирани, тие можат да направат сè. Затоа ја отсвирив Imagine. Кога стигнав до крајот на Imagine, не можев да продолжам. Беше премногу емотивно“ – изјавил тој за The Guardian.