Тетките се бесценет дел од животот на децата. Тие знаат на внуците смирено да им објаснат кога родителите се преплавени од емоции, да им ги дадат најдобрите и најискрените совети, да ги поддржат и охрабрат, па и по малку да ги разгалат.
Ешли Бивер со сладок текст ѝ се заблагодари на сестра си што е важен и незаменлив дел од животот на нејзиниот внук. Прочитајте го:
Драга Тета Биби,
Никогаш не знаев како ќе се развие мојата врска со тебе по добивањето деца. Отсекогаш бевме блиски како сестри, но честопати бевме и многу различни. Ти го гледаш светот различно од мене, се облекуваш различно од мене, речиси сè правиш различно од мене. Но, на денот кога стана тетка на мојот син, ми стана најблизок сојузник, моја заштитничка.
Кога се породував, ти беше таму за да ме поддржиш низ тоа непознато искуство. Го потисна твојот сарказам и твојата смисла за хумор и ми покажа само љубов и охрабрување. Заедно го запознавме Лијам за првпат. Лееше солзи од чиста љубов за моето дете и беше првата која го зеде во раце покрај неговите Мама и Тато. Тоа беше моментот кога доби место во нашите животи, во животот на Лијам.
Низ годините, ти не стана само моја сестра, туку и втора мајка на моето дете.
Беше таму за да го гушкаш во тешките денови кога му никнуваа заби.
Беше таму кога плачев додека го држев моето бебе и се борев со постпородилната фаза.
Беше таму за прва да го научиш како се користи лажица.
Беше таму со шише вино на првата ноќ од одвикнувањето од пелените.
Беше таму кога син ми ги направи првите чекори.
Беше таму на првата негова казна.
Беше таму кога со сопругот имавме потреба да поработиме на врската надвор од родителството.
Беше таму за да бидеш родител и систем за поддршка на мојот син кога ја добивме нашата ќерка.
Беше таму да му ја дадеш храброста која му беше потребна за да ѝ каже збогум на цуцлата.
Беше таму за да преземеш кога ми требаше одмор.
Беше силата кога син ми наврши 2 години.
Беше таму за секој празник, роденден или клучен момент од развојот.
Понекогаш беше утешител, понекогаш воспитувач, понекогаш замислен пират, а понекогаш давач на подароци.
Без тебе, син ми не би бил комплетен. Ти си негов херој, безбеден рај, негово прибежиште, негова втора мајка.
Без тебе покрај мене, јас не би била успешна мајка каква што сум денес. Твоето присуство во нашите животи никогаш не може да биде заменето.
Мојата улога како мајка никогаш не би била иста без тебе, моја друга половинке, моја сестро.