Ако уживате во спиењето или имате проблеми со него, ова е вашиот ден. Денес се одбележува Светскиот ден на спиењето под мотото „Да спиеме добро – да останеме здрави“.
Светскиот ден на спиењето е интернационален настан наменет и да го прослави самиот акт на спиење и да ја подигне свеста кај луѓето за проблемите и нарушувањата поврзани со него. Настанот е спонзориран од Светската асоцијација на медицината на спиењето, составена од експерти за спиењето од целиот свет.
Иако повеќето луѓе се обидуваат да си пружат услови за добар и квалитетен сон, последните податоци покажаа дека дури една третина од возрасните лица страдаат од инсомнија и 80 други нарушувања на спиењето.
Спиењето е исклучително важно за здравјето. Експертите препорачуваат за добар сон да се применуваат следните „10 заповеди“:
- Фиксирано време на заспивање и разбудување;
- Ограничување на дневните дремки на 30-45 минути;
- Избегнување на премногу алкохол и пушење 4 часа пред спиење;
- Избегнување на кофеин 6 часа пред спиење. Тоа вклучува кафе, чај, газирани сокови и чоколадо;
- Избегнување на мрсна, зачинета и слатка храна 4 часа пред спиење;
- Редовно вежбање, но не непосредно пред легнување;
- Употреба на убав душек;
- Добро проветрување на спалната и одржување на пријатна температура;
- Елиминирање на светлото и сите звуци кои го земаат вниманието;
- Резервирање на креветот само за спиење и секс.