Ништо не е невозможно ако доволно силно верувате во себе.
Девојка, која првите седум години од животот ги помина во камп за бегалци, дипломира прва од нејзиното семејство и со бакнеж во чело ѝ се заблагодари на мајка си.
Хамдија Ахмед заврши факултет пред две години, а сега продолжува да учи за уште повисок степен на образование на мастер програма на „University Of Southern Maine“.
„Пред 21 година мајка ми ме роди додека бегаше од граѓанската војна. Ги поминав првите 7 години од мојот живот во камп за бегалци. Моите родители жртвуваа многу за нивните деца. Се преселија во САД со 0 долари. Денес, станав првата личност од нашето семејство кое дипломирала“ – напиша таа на денот на дипломирањето.
Хамдија се родила за време на Сомалиската војна во 1997 година. Имала само една недела кога мајка ѝ избегала од војната со нејзините пет деца.
„Мајка ми гледаше луѓе кои си ги напуштаа децата и нејзе ѝ велеа: ‘Мораш да го оставиш ова девојче. Напушти ја, таа е бебе, ова е премногу за неа’, но мајка ми рече: ‘Не, ги земам сите мои деца со мене’. Таа пешачеше 600 километри до камп за бегалци во Кенија“ – рече Хамдија во интервју со Џиџи Хадид во 2018 година.
Со помош на средства собрани на GoFundMe, Хамдија успеа да ги плати студиите. Таа денес е активист кој се бори за социјална праведност и против расизмот, има држено говори во Обединетите Нации и организира кампањи за помагање на жени кои биле жртви на насилство.
„Неправдите на кои сведочев како мало девојче кое живееше во камп за бегалци ме инспирираа да го променам светот и да се застапувам за луѓето кои се заборавени. Постојано се залагам за бегалците, бидејќи и јас сум поранешен бегалец“ – вели таа.