Познат е првиот учесник од нашата држава на Летните Олимписки игри кои оваа година ќе се одржат во Париз.
Маратонецот Дарио Ивановски обезбеди пласман на Олимпијадата и со тоа стана прв наш атлетичар кој го има постигнато тоа. 26-годишниот спортист, кој е наш најдобар атлетичар на сите времиња, си обезбеди место благодарение на неговата позиција на светската ранг листа во маратон, каде се наоѓа на 78. место.
Својот прв маратон Дарио го истрчал во Скопје на Скопскиот маратон во 2020 година, со време од 2 часа, 31 минута и 16 секунди. Неговиот личен рекорд, кој е и национален рекорд, го постави оваа година во Севиља, каде го истрча маратонот за 2 часа, 8 минути и 25 секунди.
„Да истрчам маратон на кој ќе бидам задоволен... Мислам дека после тоа нема да имам граници.“
„За било што, не ни е крива ниту државата, не ни се криви ниту условите, не ни е криво ништо. На крајот од денот, до тебе е. Кога сфатив дека грешката е во самиот себе, сфатив дека нема граници“ – рече тој во подкаст во април.
Дарио се стреми да ги инспирира луѓето да веруваат во себе и да не се плашат од промени. Неговата порака е дека сè зависи од нас самите.
ФОТО: Дарио Ивановски / Instagram