„Никогаш нема да престанам да го бакнувам Џордан во уста и тој никогаш нема да престане да ме бакнува мене“ – ова самоуверено го тврди Шерил Лич, мајка која редовно го бакнува својот син на усните и покрај тоа што тој има 16 години. Шерил не е единствена. За голем број родители оваа постапка е дел од секојдневието и е сосема нормална.
За Лич бакнежот на усните е начин да ја покаже својата љубов и е сосема нормален гест, наспроти тврдењето на детскиот психолог Шерил Резник дека „родителите не треба да ги бакнуваат своите деца во уста“. Американската експертка Резник минатата година поттикнаа жестоки дебати изјавувајќи дека усните се ерогена зона и дека децата не треба да бидат бакнувани на нив.
„Ако започнете да го бакнувате вашето дете на усните, кога ќе престанете? Кога децата ќе наближат кон својата петта или шеста година и нивната сексуална свест ќе се развие, бакнежот на усните може да делува стимулирачки на нив“ – вели психологот.
„Тинејџерите се уште посвесни за нивната сексуалност од децата, па не им препорачувам на мајките да ги бакнуваат на усните. Луѓето не сакаат да го слушнат ова, но усните се ерогена зона. Хормоните серотин и окситоцин, кои се поврзуваат со сексуална возбуденост, се лачат преку бакнување на усните“ – тврди Резник во својата книга.
Ставовите на детскиот психолог поттикнаа многу родители јавно да зборуваат за своите навики на бакнување на децата. Додека некои бакнувањето во уста го сметаат за ненормално и сексуално, други велат дека тоа е гест за покажување љубов и дека никогаш нема да престанат да го практикуваат.
Во случајот на Шерил Лич, бакнувањето е секојдневие. 42-годишната Англичанка го бакнува својот син Џордан насекаде, а истото го прави и со своите родители и со другите две деца. Според неа, бакнувањето на образ е бесцелен гест. „Бакнувањето на усните покажува многу поголема приврзаност. Смешно е и патетично што луѓето сметаат дека тоа е нешто сексуално. Не ме интересира што мислат луѓето“ – вели Шерил, која била напуштена од првиот сопруг во бременоста.
„Бевме само јас и тој во првите неколку години од неговиот живот и создадевме специјална врска“ – вели Шерил, која со вториот сопруг има уште две деца.
Џордан го дели истиот став со мајка си и вели дека никогаш нема да престане да ја бакнува. „Ќе продолжам да ја бакнувам мама и кога ќе бидам возрасен. Го правам тоа толку долго време што ми изгледа многу нормално“ – тврди Џордан, чија девојка нема ништо против блискоста меѓу него и мајка му.
И Џоклин Милер од Кент, Англија, смета дека е нормално што го бакнува својот 61-годишен татко во уста, но додава дека тоа треба да биде приватен момент.
„Не знам зошто се крева толкава врева околу тоа. Тоа е мој начин да му покажам колку тој ми значи мене... Додека да наполнам 13 години, тато секоја вечер доаѓаше да ме бакне и ми ја чешкаше раката додека да заспијам. Блиска сум и со мајка ми и ја бакнувам и неа во уста, но не толку често. Претпоставувам дека сум татина ќерка“ – вели Џоклин.
„Воопшто не мислам дека е перверзно, но е приватен гест и сум свесна дека некои луѓе мислат дека е чудно. Како мало девојче секогаш го бакнував во уста и во мојот ум јас сè уште сум неговото мало девојче“ – додава таа.
И нејзиниот татко Иан го прифаќа овој гест како знак на љубов и вели: „Толку многу ја сакам. Мислам дека не можам да ја сакам повеќе.“
Аманда Хјулет е уште една мајка која одлучи отворено да зборува за бакнувањето на своите деца на усните. „Ги бакнувам моите деца вака од мали. Мислам дека тоа се должи на фактот што моите родители починаа во моите 30-ти години. Не им кажував доволно често колку ги сакам, па бев одлучна да ја покажам мојата приврзаност кон децата. Не сакам моите деца да растат мислејќи дека не се сакани“ – вели Хјулет.
Па, каков е вашиот став? Дали бакнувањето на децата во уста од страна на родителите е погрешно или е сосема нормално?