Романтичниот гест на маж со Алцхајмерова болест прво изненади двајца полицајци, потоа ја расплака неговата сопруга, за на крајот да стопли милиони срца.
Мелвин Емрајн пред три години добил многу лоша дијагноза – Алцхајмерова болест. Како што поминува времето, така неговата состојба се влошува, а на неговата сопруга Дорис ѝ станува сѐ потешко беспомошно да гледа како болеста му ги одзема на Мелвин спомените и разумот.
Неодамна Мелвин ѝ приредил прекрасно изненадување на Дорис и со тоа ја потсетил дека мажот во кој се заљубила е сѐ уште покрај неа.
„Специјално е, бидејќи иако мозокот не помни сѐ, срцето помни“ – рекла Дорис во интервју за CBS.
Еден ден пред Денот на мајките, Мелвин исчезнал. Дорис пријавила в полиција и двајца полицајци го пронашле залутаниот старец на 3 километри од домот. Кога му пришле, тој не знаел од каде дошол, не ја знаел својата адреса, но знаел каде тргнал – да купи букет цвеќиња за својата сопруга за да ѝ ги подари на Денот на мајката.
Пред да го вратат Мелвин дома, љубезните полицајци застанале во цвеќара за да му ја исполнат желбата. Подоцна тие дознале дека по раѓањето на првото дете, Мелвин секоја година ѝ подарувал цвеќиња на Дорис на Денот на мајката.
Изненадувањето изнудило солзи радосници во очите на Дорис. „Кога дојде на скалите и ги видов розите и насмевката на неговото лице, се скрши нешто во мене. Реков: благодарам, благодарам. Зашто го видов неговото срце“ – рекла Дорис.
Мелвин и Дорис се во брак 60 години.