Операцијата е страшна без разлика дали имате 5, 15 или 55 години. За да им ги намали стресот и анксиозноста на најмалите пациенти, болница од Калифорнија им овозможува да влезат во операционата сала со стил.
Тие им даваат можност на децата да си изберат еден од двата мини автомобили и со него да одат на операција. Целта е да се намали стресот, анксиозноста и стравот кај децата пред хируршкиот зафат.

„Кога децата ќе дознаат дека ќе можат да влезат во операционата сала возејќи се во мал кул автомобил, тие се расположуваат и во најголем дел од случаите нивните стравови исчезнуваат. Дополнително, кога родителите ќе ги видат дека на нивните деца им е полесно, и ним им олеснува“ – вели медицинската сестра Кимберли Мартинез од Doctors Medical Center од Модесто, Калифорнија.

Мартинез тврди дека вработените во болницата уште веднаш го почувствувале позитивниот ефект од нивниот метод кај малите пациенти. „За малите пациенти може да биде голема траума да бидат одделени од нивните родители кога се упатуваат на операција. Ова навистина им помага на сите засегнати“ – додава таа.