По повод одбележувањето на Светскиот ден на млекото, 1 јуни, БиМилк донираше свои производи во Домот за доенчиња и мали деца во Битола. Станува збор за донација на млеко, која ќе задоволи потреби на Домот од најмалку една недела.
„Целта на оваа донација е да се одбележи денот на млекото на тој начин што ќе се искористат млечните производи за да се даде помош таму каде што е потребно. Млекото игра важна улога во здравиот развој на децата, нивните коски, заби и сл. Земајќи предвид колкава грижа и внимание Домот посветува на правилното развивање и растење на децата кои се таму, дојдовме до заклучок дека тоа е вистинското место за нашата донација.“ – изјави директорот на Битолска Млекара, Роко Водопија.
Домот за доенчиња и мали деца во Битола е установа од социјален тип во која се згрижуваат деца, односно доенчиња и мали деца кои останале без родителска грижа од различни причини. Доенчињата престојуваат во оваа установа до нивниот 3-ти месец заради интензивно следење на нивната физичка и здравствена состојба, како и нивниот психоторен развој. На овој начин им се овозможува на оние кои се одлучиле да станат родители на некое од децата, да посвојат здраво дете.