Бетмен, Спајдермен, Капетан Америка, Маша и Медо денеска ги изненадија дечињата кои престојуваат на Клиниката за детски болести во Скопје за да им го честитаат Коледе. Костимираните суперхерои поддржани од двата детски омилени ликови од популарниот руски цртан филм влегуваа во собите на болните дечиња пеејќи им коледарски песни и според коледарската традиција им поделија пакетчиња со овошје, слатки и играчки.
Коледарското изненадување за дечињата целосно го подготви компанијата „Веро“ со цел да им ги разубави празничните денови додека престојуваат на Детската клиника. За време на посетата, суперхероите ги гушкаа дечињата, им пееја коледарски песни, се фотографираа со нив и им поделија пакетчиња направени според препораките на лекарите. Празничната атмосфера ја збогатија искрените насмевки на дечињата и мотивацијата од нивните омилени ликови да оздрават што побрзо.
Од компанијата „Веро“ велат дека со организирањето на овој настан нивниот менаџерски тим се обидува традиционалното коледарско пеење да го доближи до сите деца и да им посвети внимание без оглед на тоа каде се наоѓаат за време на празникот.
- Сакавме од оваа интересна традиција да не бидат изоставени дечињата кои во овој момент не можат да ѝ се радуваат бидејќи лежат во болничките соби. Затоа најдовме начин барем за момент да им ги оттргнеме мислите од лекувањето, да ги изненадиме и израдуваме. Им благодариме на вработените на Детската клиника што ни излегоа во пресрет и ни овозможија заедно со децата да ги испееме традиционалните коледарски песни и да се забавуваме. Празниците се период кога споделуваме топлина, љубов и среќа, а нема ништо поубаво кога сето ова се споделува со децата. Многу ни е мило што постојано успеваме на дечињата да им подариме убави моменти, како дел од корпоративната стратегија на Веро во рамките на која се организираат многу настани за најмладите во Веро центар – велат од менаџментот на „Веро“.