Списанието TIME денес го прогласи Марк Цукерберг за личност на годината.
26-годишниот основач на социјалната мрежа Facebook ја добил оваа чест затоа што фундаментално го променил начинот на којшто луѓето се поврзуваат едни со други. Цукерберг го победи основачот на WikiLeaks, Џулијан Асанж, кој беше голем фаворит.
Марк Цукерберг е еден од најмладите милијардери, а во изминативе месеци им се придружи на Бил Гејтс и Ворен Бафет во групата на најголемите филантропи.
Од списанието пишуваат дека Facebook, кој има повеќе од половина милијарда корисници, е „перманентен факт на нашата глобална социјална реалност“.
„Влеговме во Facebook ерата и Марк Цукерберг е човекот кој нè донесе тука“ – пишува TIME.
Титулата „Личност на годината“ списанието TIME му ја доделува на личноста која имала најголемо влијание врз културата и вестите во тековната година, без разлика дали е за добро или лошо. Така, претходни носители на оваа титула се Барак Обама (2008) и Владимир Путин (2007), но и Адолф Хитлер (1936).