Основачот на најпопуларната социјална мрежа Facebook, Марк Цукерберг, стапи во брак со својата долгогодишна девојка Присила Чен.
28-годишниот милијардер и неговата 27-годишна девојка си го кажале судбоносното „ДА“ на тајна приватна церемонија во дворот на неговата куќа во Пало Алто, Калифорнија. Апсолутно никој не знаел за свадбата. Гостите мислеле дека ќе присуствуваат на прослава по повод дипломирањето на Присила, но биле пријатно изненадени кога дознале дека прославата е всушност венчавка.
Веста за венчавката Марк и Присила ја објавиле на Facebook.
Присила и Марк се запознале додека студирале на Харвард и се во врска 9 години.
На венчавката Марк носеше темносин костум и немаше ни трага од неговата омилена лежерна комбинација (дуксер, фармерки и патики), додека Присила носеше едноставен и елегантен невестински фустан. Според информации од анонимен извор, Марк дизајнирал едноставен прстен со рубин за Присила.
Тајната церемонија младоженците ја планирале четири месеци, а на неа присуствувале 100 гости.
Изминатиов период е полн со важни настани во животот на Марк и Присила. Таа се здоби со диплома по педијатрија, додека тој го направи најголемиот бизнис потег во постоењето на Facebook. Само еден ден пред свадбата, Facebook излезе на берзата и достигна вредност од 104 милијарди долари.