Кога се има желба за нешто, сè е возможно.
9-годишната Лена од Обреновац е најмладиот бурек мајстор во Србија и сонува да ја продолжи семејната традиција. Вредното девојче започнало да прави ситни печива на 5-годишна возраст, а сега успешно приготвува пити и буреци кои се продаваат во семејната пекара.
Лена оди на училиште, а по часовите ја посетува пекарата на нејзиниот татко, каде го прави она што најмногу го сака – бурек.
Вештините и страста за овој занает Лена ги добила од својот татко, кој истото го работи повеќе од 30 години.
„Лена сама покажа интерес да го учи овој занает, а јас сум тука да ја научам да биде прав бурек мајстор и да прави сè рачно, а не машински“ – вели нејзиниот татко.
„Тоа е на некој начин нејзино хоби. Сака да прави, сака да експериментира и сака да проба сè што не можат другите деца. Има златни раце. Ако сака да го продолжи семејниот бизнис, може. Ако не сака, не мора. Тоа е прашање на избор“ – вели нејзината мајка.