Втората светска војна се асоцира со ненадоместливи штети и милиони загубени човечки животи. Во неколкугодишната трагедија, сепак имаше многу добри дела кои до ден-денес нè восхитуваат и инспирираат.
Приказната на Франсин Кристоф несомнено ќе ве трогне и наежи. Нејзината сторија е дел од документарниот филм „Human“.
Видео од интервјуто со Франсин
„Се викам Франсин Кристоф. Родена сум на 18 август 1933 година. 1933 беше годината кога Хитлер дојде на власт. Кога бев во концентрациониот камп Берген-Белсен, се случи нешто неверојатно.“
„Да ве потсетам, како деца на воени затвореници, ние бевме привилегирани. Ни беше дозволено да понесеме нешто од Франција. Мала... мала торба со 2-3 мали работи. Една жена донесе чоколадо, друга малку шеќер, трета грст ориз. Мајка ми спакува 2 мали парчиња чоколадо. Ми рече: Ќе го чуваме ова за денот кога ќе видам дека потполно си колабрирала и навистина ти е потребна помош. Ќе ти го дадам ова чоколадо и ќе ти биде подобро.“
„Една од жените која беше заробеничка со нас беше бремена. Не се познаваше, бидејќи беше многу слаба... Но, дојде денот на породувањето. Отиде во болницата на кампот со мајка ми. Пред да заминат, мајка ми ме праша: Се сеќаваш на чоколадото кое го чував за тебе?“
„Да, мамо.“
„Како се чувствуваш?“
„Добро мамо, ќе бидам во ред.“
„Па, ако се согласуваш, би сакала да го земам твоето чоколадо за оваа дама, нашата пријателка Елена. Породувањето ќе биде тешко. Таа може да умре. Но, ако ѝ го дадам ова чоколадо, тоа може да ѝ помогне.“
„Да мамо, само напред.“
„Елена го роди бебето. Мало, слабо суштество. Го изеде чоколадото и не умре. Се врати во бараките. Бебето ниту еднаш не заплака. Ниту еднаш!“
„Шест месеци подоцна, кампот беше ослободен. Го одмотаа и бебето вресна. Тоа беше моментот кога се роди. Го однесовме назад во Франција.“
„Пред неколку години, ќерка ми ми рече: Мамо, ако вие депортираните лица имавте психолози или психијатари кога се вративте, можеби ќе беше полесно за вас“. Ѝ вратив: „Беспорно, но ги немавме. Никој не мислеше на ментални болести. Но ми даде добра идеја. Ќе одржиме конференција на таа тема.“
„Организирав конференција на тема „Ако преживеаните од концентрационите логори имаа советување во 1945 година, што ќе се случеше?“ Предавањето привлече голема толпа. Постари преживеани, историчари и многу психолози, психијатари... многу интересно. Произлегоа многу идеи. Беше одлично. Потоа, една жена го презеде подиумот и рече: „Живеам во Марсеј, каде сум психијатар. Пред да го одржам мојот говор, имам нешто за Франсин Кристоф. Посегна во својот џеб и извади парче чоколадо, ми го даде и рече: „Јас сум бебето“.