Сурогат мајка одбила да го абортира и го задржала бебето со Даунов синдром, кога парот за кој го носела, побарал од неа да ја прекине бременоста.
Андреа От-Дал била скршена кога во 12. недела од бременоста ја добила лошата вест дека бебето во нејзината утроба има само 5% шанси да преживее и дека ако преживее, ќе има сериозен хендикеп. Несреќната трудница од Калифорнија го носела детето за блиски пријателки хомосексуалки, кои шест години се обидувале да добијат свое бебе.
От-Дал, која веќе имала 5 деца, донирала своја јајце-клетка за да им го исполни сонот на своите пријателки, не знаејќи дека набрзо ќе си го зголеми сопственото семејство за еден член.
Имено, за време на скринингот на крајот од третиот месец од бременоста, била поставена лошата дијагноза дека нешто не е во ред со бебето, кое веќе било крстено Дилејни. „Докторите ни рекоа дека Дилејни ќе биде слепа и со аутизам. Рекоа дека ѝ се собира течност во вратот која или ќе ја убие или ќе предизвика тежок деформитет кој ќе изгледа како да има уште една глава. Ни кажаа дека има само 5% шанси да преживее до раѓањето“ – рекла Кестон, сопругата на Андреа.
По добивањето на дијагнозата, парот за кој Андреа го носела бебето одлучил да не го задржи бебето и побарал абортус. Но, откако 34-годишната трудница и нејзината сопруга се информирале за Дауновиот синдром и изгледале куп видеа онлајн, тие одлучиле да го задржат. Иако добиле закана дека ќе бидат тужени за одлуката, никогаш не била покрената тужба против нив.
Малата Дилејни, која има Даунов синдром, се родила во јули 2013 година. На само три месеци таа била подложена на операција на срце, но немала други посериозни здравствени проблеми. Малото девојче ги надминало очекувањата на докторите и оваа година таа ќе го прослави својот трет роденден.
„Сакаме да им покажеме на сите родители дека не треба да губат надеж. Не мора да ја прекинете бременоста“ – вели От-Дал. „Дилејни е неверојатна, таа е како секое друго 2-годишно дете. Искрено, ни падна лото со Дилејни“ – додава таа.
Двете мајки имаат напишано книга за емотивното патување со својата најмала ќерка и преку видео на YouTube го раскажаа емотивното патување од гледна точка на Дилејни.