Благица и Александар Зикови од Штип снимија преслатка новогодишна фотосесија со четирите бебенца, кои се родија во октомври.
Преслатките Михаил, Теодор, Ведран и Леонтина позираа со родителите и со Дедо Мраз, а фотографиите топат срца.
Парот доби четворка по 4-годишна борба со неплодноста, а сега ужива со своите чеда во празничната атмосфера. За Femina.mk новите родители споделија дека иако по доаѓањето дома од болница биле малку уплашени, брзо се адаптирале на новата улога.
„Кога си дојдовме дома, бевме малку уплашени како ќе се справиме. Првиот ден ни беше малку во паника, но од наредниот ден веќе некако ни беше полесно“ – сподели Благица.
Среќното семејство ќе ги помине празниците во домашна атмосфера, а на сите парови кои како нив се соочуваат со предизвици при зачнувањето им посакуваа што поскоро да добијат принова.
„Празниците ќе ги поминеме дома, конечно комплетни. Со сопругот, радосни и среќни си имаме полни раце.“
„На паровите што се борат со неплодност им посакувам што поскоро да се остварат како родители, никогаш да не губат надеж, цврсто да стојат на нозе и да се борат. Патот е тежок и многу болен, но на крај сè завршува со успех“ – вели Благица.
Во новата 2024 година, Благица посакува само нејзините малечки да бидат добро.
„Во новата година посакувам дечињата да ми бидат здрави и живи како што би посакал секој родител“ – вели таа.
ФОТО: Ivanovski Photography
Фотографиите се објавени со дозвола од родителите.