Рејчел Фарок пред само неколку месеци беше преслаба, едвај можеше да зборува и стоеше на работ на смртта. 37-годишната Американка тежеше само 18 килограми и упати емотивна молба за да ѝ се помогне пред да биде предоцна.
Благодарение на добродушни лица кои донираа над 200.000 долари, Фарок доби соодветна медицинска помош и сега брзо се опоравува од канџите на анорексијата.
Рејчел го покажа својот огромен напредок на марш во Вашингтон за подигнување на свеста за нарушувањата во исхраната.
„Имам огромно семејство – се вика светот. Тие ме прегрнаа со една голема прегратка“ – изјавила таа во знак на благодарност кон хуманите лица кои донирале средства и ѝ испраќале охрабрувачки пораки.
За време на тешкиот период, најголема поддршка Рејчел добивала од својот сопруг кој се откажал од работата како личен тренер за да се грижи за неа.
Во мај, Рејчел не можеше да се движи сама, бидејќи преслабите нозе не можеа да го издржат товарот, а денес може да оди самостојно. Таа во минатото се обидувала да изгради актерска кариера, но сега е решена да биде активистка за да им помага на оние кои страдаат од нарушувања во исхраната.