Најсреќниот ден во животот на Елиса Џирото се претворил во најтажен ден. На 40-годишната Италијанка ѝ бил дијагностициран рак на дојката во истиот ден кога таа го родила своето прво дете. Докторите ѝ кажале дека болеста брзо напредува и затоа, таа и нејзиниот свршеник Алесио Винчензото решиле да се венчаат истиот месец.
Краткиот период што ѝ преостанал, Елиса решила да го посвети на новородената ќеркичка. Таа смислила начин како да остане присутна во животот на ќерка си, дури и по смртта. Посветената мајка спремила подароци за секој роденден на ќерката и за секој Божиќ, сѐ додека таа не наполни 18 години.
Нејзиниот сопруг изјавил за списанието „La Repubblica“ дека најголемата грижа на Елиса било новороденчето и дека таа повеќе се плашела од моментот на разделбата отколку од самата смрт. „Нашиот живот течеше во два правци: радост поради раѓањето на нашата ќерка и борба против ужасната болест“.
Елиса избрала кукли, книги и различни играчки како подароци за време на детството на својата ќерка. За 13-тиот роденден на девојчето, Елиса решила да ѝ го подари првото парче накит, а за 14-тиот роденден ѝ спремила дневник.
Најважниот подарок бил наменет за 18-тиот роденден. Елиса решила да ѝ даде до знаење на својата ќерка дека жали што никогаш нема да може да патува со неа. Подарокот бил глобус на кој биле означени сите места кои Елиса сакала да ги посети со својата ќерка и кои ѝ ги препорачува.
Секој подарок кој го подготвила Елиса бил придружен со снимка наменета за нејзината ќерка. Испишала и два дневника полни со мајчински совети бидејќи сакала да ѝ помага на ќерка си и да ја води низ животот.
Притоа, Елиса не го заборавила и својот сопруг. Таа оставила скриени пораки за него, а во последното писмо му напишала да ја носи со себе нивната ќерка насекаде. „Се надевам дека ќе научи да го следи твојот пример бидејќи ти верувам“ му порачала на својот сопруг.