Невозможно е да останете рамнодушни на болката која се чита од лицето на малото девојче, невозможно е да не сочувствувате со родителите кои ќе го изгубат саканото дете, невозможно е да не ве револтира помислата за рак кај децата...
Кога Енди Вилан сподели фотографија од малата ќеркичка која е згрчена од болка како последица на невробластома и која наскоро ќе ја изгуби мачната битка со ужасната болест, започнаа да се редат коментари со охрабрувачки зборови.
Таткото, кој е фотограф, призна дека оваа фотографија го допре длабоко до срце, но и дека оваа слика е секојдневие за неговото семејство. Тој се надева дека со неа ќе ја подигне свеста за ракот кај најмладите.
Ова е неговата објава на Facebook:
„Ова е најизмачувачката фотографија која некогаш сум ја направил. Таа всушност ја прикажува мојата 4-годишната ќерка. Пред неколку дена нејзе ѝ дадоа уште неколку недели живот, по битка со рак која трае повеќе од 12 месеци.“
„Оваа фотографија беше сликана во момент во кој ние, како родители, не можевме да ѝ пружиме утеха, таа нè турка од себе додека се справува со избезумувачка болка. За жал, за нашата фамилија ова не е слика која ретко ја гледаме. Ова ни е позната глетка која ја гледаме дење и ноќе, сега и позачестено. Ова е вистинското лице на ракот, крвните садови на моето девојче наѕираат од под нејзината кожа, самотна солза тече по нејзиниот образ, нејзиното тело згрчено, а нејзиното лице искривено од болка.“
„Можам да се обидам да искористам илјадници зборови за да ја опишам оваа фотографија, со која ние како родители сме соочени секојдневно, но тие зборови нема да можат ни приближно да го доловат она што го гледаме. Со оваа фотографија не сакам да ве навредам или вознемирам, но планирам да ги едуцирам и шокирам оние кои ја гледаат во правилниот контекст. Можеби преку оваа фотографија луѓето кои не се во нашата ситуација ќе станат свесни за мрачноста на ракот кај децата. Можеби истите тие луѓе ќе можат да направат нешто за во иднина ниту едно дете да не страда од ваква болка, за ниту еден родител да не мора да биде сведок на свенувањето на личноста која е негова крв и тело.“
„Единствено им се извинувам на оние кои ја познаваат Џесика, разбирам дека е тешко да се гледа оваа фотографија и уште потешко да се прифати реалноста. Вам, кои не ја познавате Џесика, не ви нудам извинување. Ова им го прави ракот на децата во нивните последни седмици и денови!!! Пред дијагнозата, јас бев еден од оние кои немаа поим за темнината на ракот кај децата. Си велев дека никогаш нема да ни се случи нам!“
„Ако оваа фотографија служи само за да ги замисли луѓето за ова зло и да им даде нова перспектива, тогаш си ја исполнила целта. Мора да бидат направени истражувања, мора да се пронајде лек, предолго дозволуваме да се случува ова.“
„Ве молам, ве преколнувам, како татко со скршено срце... за ќерка ми е предоцна, но мора да се најде лек за ракот кај децата. Ниту едно семејство не треба да поминува низ ова.“