Ноќеска, тим од повеќе клиники ја изврши втората трансплантација на срце од починат донор во нашата држава.
Министерот Венко Филипче ја сподели веста за комплексната операција:
„Во 3 часот и 33 минути утринава кај 22-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација на срце во историјата на државата, на Клиниката за кардиохирургија.“
„Честитки до сите колеги и благодарност до целиот тим кој во текот на целата вечер неуморно работеше! Ова е огромен успех на македонското здравство, кој немаше да биде возможен без согласноста за донирање органи од семејството на младата пациентка која прерано го загуби животот.“
„Горд сум на моите колеги!“
Од сите страни пристигнуваат честитки и аплаузи за медицинските лица, но и пораки со благодарност за хуманото семејство на девојката чии органи ќе бидат донирани на повеќе пациенти.
Во најтешките моменти, кога прерано ја изгубиле младата ќерка, родителите одлучиле да ги донираат нејзините органи. И лекарите изразија огромна почит со поклон пред девојката, а моментот беше „замрзнат во времето“ со моќна фотографија.
„Историска фотографија, докторите и се поклонуваат на младата девојка чие семејство одлучи да ги донира нејзините органи. Нејзиниот млад живот трагично згасна, но нејзиното срце спаси друг млад живот. Нема зборови со кои може да се искаже благодарноста кон семејство. Нема зборови со кои може да се опише алтруизмот и големината на чинот на органодарителство. Во моменти на длабока тага да се донесе одлука за донирање на органите на блиските е дефиниција за хуманост“ – напиша Филипче.
Во 3 часот и 33 минути утринава кај 22-годишно момче зачука ново, донирано срце! Ова е втора извршена трансплантација...
Posted by Венко Филипче on Saturday, April 17, 2021
Бубрезите на девојката ќе бидат трансплантирани кај лица кои со години се на дијализа, а ќе бидат пресадени и нејзини коски.
Момчето кое го прими срцето е во стабилна состојба и лекарите се надеваат дека неговото тело ќе го прифати срцето.
Утрово бевме во визита на пациентот кој е во стабилна состојба. Да држиме среќа неговото тело да го прифати срцето....
Posted by Венко Филипче on Saturday, April 17, 2021
Пред помалку од една година, македонското здравство започна ново позитивно поглавје со првата трансплантација на срце од починат донор. Тогаш срцето на Емилија Динева започна да чука во Иван Огњановски.