Почетна » Новости » Животни стории » „Мојот брак не заврши кога станав вдовица“

„Мојот брак не заврши кога станав вдовица“

Текстот на Луси Каланити за смртта на нејзиниот сопруг Пол ќе го допре секој што има изгубено блиска личност. Во него таа опишува како се чувствувала додека нејзиниот сакан се борел со рак, за моментите кога тој ја изгубил последната битка и за животот како ужалена мајка на бебенце.

ЛусиЛуси

Кога мојот сопруг почина од рак изминатиов мај на 37-годишна возраст, бев толку многу обземена од тага што едвај можев да спијам. Едно попладне, го посетив неговиот гроб – во поле високо на планините Санта Круз кои гледаат кон океанот – и легнав врз него. Тоа ми беше најспокојното спиење со седмици наназад. Моето немирно тело се смири не поради глетката, туку поради Пол, кој беше под земјата.

Беше лесно да се сетам на неговото тело – нозете со кои ги преплетував моите навечер, меките раце кои ги имав зграпчено за време на раѓањето на нашата ќерка, очите кои останаа продирачки дури и кога ракот го ослабе неговото лице. И сепак, беше невозможно да го допрам. Наместо тоа, лежев на тревата со мојот образ на земјата.

Го сакав Пол уште од моментот кога се запознавме во 2003 година, како студенти по медицина во прва година. Тој беше од оние лица кои ги насмејуваа и шегаџиите. Но, тој исто така беше и длабок интелектуалец. Откако магистрира, размислуваше да докторира англиска литература, но наместо тоа, се запиша во медицинско училиште, копнеејќи, како што и подоцна напиша, „да пронајде одговори кои не се во книгите... да продолжи да бара што е смислата на животот на човекот, дури и кога тој е соочен со смрт и гниење.“

Стапивме во брак на брегот на Лонг Ајленд Саунд пред да се преселиме на другата страна на државата за да започнеме со специјализација. Во болницата работевме 80 часа неделно, надвор од неа пешачевме на кривите патеки во близина на нашиот дом во Калифорнија, држејќи се за раце и планирајќи ја нашата иднина.

Потоа, 10 години откако се запознавме, додека течеше последната година од нашата пракса во Стенфорд, здравјето на Пол започна да се влошува. По куп тестови, дознавме дека болките во грбот и намалената тежина кај него не се симптоми на истоштеност, туку на метастазиран рак на белите дробови. Дојде момент да се соочиме со нашата смртност и да продолжиме да го следиме прашањето за смислата на животот.

ПолПол

За 20-годишнината секогаш планиравме да се вратиме во Португалија, каде бевме на меден месец. Но, поради дијагнозата, одлучивме да одиме таму веднаш. Уживавме во слаткото вино и времето поминато заедно. Кога се вративме дома, продолживме да работиме како доктори сè додека ни дозволуваше здравјето на Пол. Зборувавме искрено за неговите прогнози. За да му го олеснам товарот, ги менаџирав сите негови лекови, му подметнував таблети против гадење кога се збогувавме секое утро. Кога болката завладеа со неговото тело, му подготвував топли бањи, му ги масирав мускулите и му нудев таблети против воспаление, музика и внимание.

Пронајдовме нови длабочини на доверба и самоувереност еден во друг – како сопруг, а сега пациент, како сопруга, а сега негувателка, а наскоро и како нови родители на девојче. Со огромна радост го дочекавме раѓањето на нашата ќерка, три дена откако Пол се врати дома по неколкунеделен престој во болница.

Луси, Пол и ЕлизабетЛуси и Пол со ќерка си Елизабет

Пол започна да пишува. Прво, есеј за неговото обучување како неврохирург, а потоа за веста дека му преостануваат година или две живот. Тоа доведе до понуда за издавање на книга. Кога хемотерапијата му ја уништи кожата, дури и пишувањето му причинуваше болка.

Кога веќе беше премногу болен за да продолжи да работи во операциона сала, тој пишуваше бесно за неговите тешкотии, како доктор, како вљубеник во литературата и неизлечив пациент. Пишувањето му помогна да живее добро и да им служи на другите. Сметам дека почина исполнет – не се чувствуваше како да остава сè што сакаше, туку дека има сè што посакуваше.

Во последните часови, го држев Пол лежејќи на неговиот болнички кревет, тешејќи го и пеејќи му нежно додека нè почина. Бев последна во неговата соба, му ја зедов главата со рацете и го бакнав. Во моментот кога ја повлеков завесата, започнаа да ме потиснуваат силни емоции.

„Не можам да го оставам сам“ – викав плачејќи пред золва ми.

„Тој не е тука“ – повторуваше таа. „Не го оставаш“ – ме тешеше.

Транзицијата од омажена кон ужалена ме дезориентираше. На почетокот не ни насетував што значи да си вдовица, бидејќи бев премногу зафатена тешејќи го Пол, дури и откако почина. Кога од погребалната компанија побараа да им однесам облека за Пол да биде закопан во неа, прво ја облеков јас, мислејќи дека алиштата ќе бидат топли и ќе мирисаат на нас. Ставив пар чорапчиња на ќерка ми во џебот на неговите панталони. На денот на неговиот погреб, зачекорив пред поворката, решена да го водам неговиот ковчег. Не можам да ти ја фатам раката, но ќе те водам, нема да одиш сам.

Неколку месеци спиев на перницата на која тој почина, ги оставав неговите лекови во фиоките и ја носев неговата облека за спиење. И денес, месеци по неговата смрт, одам и седам на неговиот гроб, отсутно галејќи ја тревата како тоа да е неговата коса, зборувајќи му и користејќи нагалени имиња кои само тој би ги разбрал.

Една вечер, додека бев сама в кревет, ја читав „A Grief Observed“ од К. С. Луис и наидов на ставот дека „ужаленоста не е прекинување на брачниот живот, туку нормална фаза од него“. Тој пишува дека „сакаме да го живееме бракот добро и верно и низ таа фаза“. Да, дишев. Ужаленоста е повеќе од тоа да научиш да бидеш разделена од сопругот. Иако повеќе не можам да го тешам Пол, другото ветување кое го дадов на свадбениот ден (да го сакам Пол и да го почитувам) продолжува и по неговата смрт. Обврзувањето и верноста, мојата желба да постапувам правилно кон него, особено додека ја растам нашата ќерка, никогаш нема да прекинат. И ќе го одржам она што последно му го ветив.

Пред да умре, Пол побара од мене да надгледувам како неговото дело преминува во издадена книга. Правејќи го тоа, во изминативе месеци чувствувам дека му помагам на Пол да го живее својот живот и да му даде подарок на нашата ќерка.

Нашиот дом сега е дом на нашата ќерка и мој дом. Ги зачував омилените алишта на Пол и неговите омилени книги, но тој нема фиока за чорапите или полица за книги. Купив нов кревет. Се вратив на работа. Шест месеци по смртта на Пол, ја извадив бурмата, бидејќи почувствував дека дошол моментот, иако само еден момент претходно не ни го разгледував тоа како опција. Научив дека ужаленоста, како и првите фази на заљубувањето, е крајно непредвидлива.

Како дете ми кажуваа дека никогаш не треба да газиш на гроб, туку дека треба да го заобиколуваш, дека гробот треба да го допираат само цвеќиња. Со Пол правилата се обратни. Како што чувствував дека е правилно да живеам со него, конечно чувствувајќи се спокојна тоа пролетно попладне неколку недели по неговата смрт, така чувствувам дека е правилно да ги носам пријателите тука сега, да го гледаме зајдисонцето и да налеваме пиво за него.

Исто така, чувствувам дека е правилно нашата едногодишна светлоока ќерка да лази низ цвеќињата кои ги ставив на гробот. Го правиме ова место наше, и негово.

Луси за New York Times

Пол Каланити го напиша мемоарот „When Breath Becomes Air“ во последната година од својот живот. Беше интелектуалец со светла иднина, но ракот го прекрати неговиот живот. Неговата книга достигна до врвот на листата на бестселери на New York Times.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20797 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.