Мајка го сподели своето негативно искуство со пуканките откако нејзиното мало синче морало да помине низ две операции. Објавата стана вирален хит на социјалните мрежи.
Никол Годард на Facebook раскажа како нејзиното 2-годишно синче Неш се засркнало додека јадело пуканки и добило пневмонија како последица на аспирирани парчиња во белите дробови. Таа вели дека воопшто не била информирана за ризиците од јадењето пуканки и дека тие грицки редовно се консумирале во нивниот дом.
Мајката, која е среќна што сè добро завршило, објави фотографии од престојот на болница и текст кој треба да го прочита секој родител:
Сакав да го споделам нашето искуство, бидејќи кога ја раскажав нашата приказна, многу луѓе беа шокирани и неинформирани за лошите ефекти кои може да ги имаат пуканките кај малите деца.
Минатата саботна ноќ, сите гледавме филм и јадевме пуканки, што се случува многу често во нашиот дом за викенд. Не помислив двапати пред да му дадам пуканка на Неш. Неш имаше мала епизода на давење, но беше добро. Не видовме нешто да излезе од неговата уста, па помисливме дека го проголтал. Изгледаше сосема добро и продолживме да го гледаме филмот. Единственото нешто што го забележавме беше дека има кашлица која се појави по таа епизода на давење.
Следниот ден, тој беше добро, но продолжуваше да кашла со чуден звук, што малку ме загрижи.
Дојде понеделник, Џејк замина на 3-дневно патување, а состојбата на Неш беше речиси иста како и претходниот ден. Кога падна ноќ, забележав дека тој е топол и многу раздразлив. Имаше температура, па му дадов лек и го легнав да спие. Ноќта со него беше долга, а потоа дишењето му беше отежнато и не ми изгледаше добро. Се јавив веднаш кај педијатарот и му реков дека Неш мора да биде веднаш прегледан.
Откако му беше направен рендген на градите, на докторот не му се допадна она што го виде и нè закажа истата вечер за бронхоскопија. Благодарение на прекрасната компанија во која работиме, Џек веднаш фати лет и се врати во Денвер. Во 6 часот попладне, го успаа Неш и ја направија процедурата. Шетав и плачев цело време додека моето мало човече беше на операција. Џек пристигна токму во моментот кога можевме да го видиме Неш.
Имаше аспирирано пуканка во неговите бели дробови кога се задави. Неговото тело ја препозна како страно тело и направи гнојни кеси околу неа. Воспалението предизвика пневмонија во неговиот лев бел дроб. За време на процедурата, докторот извади 6 парчиња. Воспалението беше толку многу големо, што докторот не беше 100% сигурен дека извадил сè, па закажа тој да биде примен повторно по два дена за да му биде повторена процедурата.
Тоа беше ролеркостер од подеми и падови, но ја добивме најдобрата нега. Кутрото дете мораше да биде повторно успиено и на втората процедура и да биде подложено на операција. Докторот се сретна со нас кога заврши и рече дека процедурата била успешна и дека му било извадено и последното парче. Неш беше суперѕвезда и одлично закрепна. Еден час беше ставен на кислород и потоа бевме пуштени од болница.
Ако не им верував на моите инстинкти и ако не го одведев во болница, резултат немаше да биде добар.
Многу сме благодарни што нашето мало човече е добро. Сè поради пуканки кои редовно ги јадеме во нашиот дом. Добив лекција дека на деца под 5 години не треба да им се даваат пуканки. Мразам да користам изговори дека тој ни е трето дете, па дека занемарив да внимавам на нештата што треба и што не треба да ги прави, како што внимававме на нашето прво дете.
Го напишав ова како предупредување за луѓето да видат како нешто што мислат дека е во ред, може брзо да се претвори во нешто лошо. Секогаш верувајте ѝ на вашата интуиција, бидејќи е правилна.