Кои се можните визуелни форми на 7/8 такт кои треба да го исцртаат новиот македонски Swatch? Одговор на ова прашање вчера го бараа дизајнери, уметници и илустратори, заедно со музичарот Сашо Поповски и сопственикот на „Божиновски часовници и накит“ Игор Божиновски.
Настанот се одржа во Официерскиот дом Битола, во склоп на off програмата на фестивалот „Браќа Манаки“ како дел од заедничката поставката „Sound. Time. Vision“ на Теохаров аудио, заедно со Божиновски часовници и Каре, додека се преслушуваше музиката на Симон Трпчевски и Браќата Тавитјан.
„Ритамот 7/8 е своевиден татнеж – код кој генерациски се пренесува низ македонскиот народ, раскажувајќи за неговото минато и предвидувајќи ја неговата иднина. Токму тоа овој автентинчен македонски код го прави најсоодветна основа според која треба да се издизајнира новиот македонски Swatch. Затоа што токму песните кои се темелат на 7/8 и нивните текстови се сведоци за одредени историски и општествени периоди на нашиот народ. Оттука симболиката 7/8 и неговото поставување на автентичен македонски часовник е навистина голема, одбројувајќи го воремето и приказните кои сме ги раскажале, но и допрва ќе ги раскажуваме со најавтентичниот македонски код“ - беше заклучено на мотивационата работилница.
7/8 ќе биде втор локален дизајн на часовник со македонски дизајн под платформата „Своч на Кирилица“. Првиот дизајн се појави минатата година по повод 30 годишнината од независноста на Македонија, симболично го носеше името „Дениција“, а беше потпишан од страна на илустраторот Зоран Кардула.
А, која ќе биде визуелната форма што ќе го исцрта часовникот во 7/8? Одговорот овојпат ќе го добиеме преку отворениот повик за дизајнери, илустратори и уметници кој веќе е во тек и ќе трае до 15ти септември. Сите заинтересирани илустратори, дизајнери и уметнци можат тука да ги прочитаат сите детали во врска со тековниот конкурс.