По објавувањето на случајот со малата Ембла, македонската јавност се сплоти да се бори против дискриминацијата на лицата со посебни потреби.
Бројни личности споделија пораки за поддршка на девојчето од Гостивар и нејзините родители, откако тоа поради бојкот на родителите на соучениците, вчера не го започна второто полугодие. Во првото полугодие, Ембла била принудена да држи настава во одделна просторија наменета за одржување претстави.
Весна Петрушевска се присети на деновите кога нејзината ќерка Мина била исмејувана во училиште и ја раскажа нивната приказна.
„Ова е Ембла жртва на полусветови, примитивни и неуки луѓе. Ние живееме во земја каде се нема емпатија и сочуство. Не постојат деца со посебни потреби ,постојат луѓе без посебен капацитет на мозок или пак шуплива празнина во сопствената лобања.“
„Ќе ви раскажам нешто што на Мина и се сличуваше после немилиот настан... Ја запишав во Јаха Кемал си велам ќе и биде поарно, помалку деца, поголемо трпение. Ама не!! Се собраа родители од нејзиниот клас и рекоа дека ако не се отпише Мина тие сите ќе си напуштеле школото. Ова ми го кажаа само после два месеца откако Мина почна со школо во Јаха Кемал. Началството ме замоли да не сум правела проблем.... бев бесна, лута, Џамбазов имаше идеја да им застанеме пред школо ќе се собереше народ ќе го затвореа. Да, после таков стрес детето е недоверливо и агресивно. Башка што беше изложена на булинг. Така да јас сум во прва борбена линија за Ембла и сите булирани деца.“
„Патем кај мене во актерската школа имам неколку деца со посебни потреби и другите деца ги учам како да постапуваат со нив, како да совладаат текст заедно, како да споделуваат и многу љубов,многу љубов. Ембла кога сакаш да се видиме тука сум. Во оваа држава по милионити пат повторувам дека нема поддршка за родителите како и тие да се справат со сопствените деца. Тие се хероите исто. Кога зборувам за нив зборувам и за себе. Гајле им е на оние што во буквална смисла ги малтретираат децата.“
Уметникот Зоран Кардула, кој е татко на девојче со аутизам, им порача на родителите на Ембла да не се откажуваат во борбата нивната ќерка да добие соодветно образование.
„Целата оваа случка со Eмбла ме врати можеби на најтешкиот перод во мојот живот кога поминувавме низ една агонија со прифаќањето на Ерато во школо и борбата со родителите кои не сакаа нивното дете да учи со дете со аутизам. Тешка е таа борба но нема попуштање. Затоа од искуството наше сакам само да им пренесам на родителите на Eмбла дека вашата ќерка ги има истите права како и секое друго дете, затоа немојте да попуштате на притисоците на родителите кои прво треба да се срамат поради ваквиот чин, второ ги лишуваат сопствените деца да научат повеќе за емпатија и прифакање на различностите за што еден ден ќе им бидат благодарни а и надлежните институции да превземат мерки поради ова нивното однесување. Моја поддршка и не попуштајте! Гуш и бац од Ерато!“ – стои во неговата објава.
Синоличка Трпкова на Facebook сподели приказна за момче со Даунов синдром од Холандија, за да прикаже како треба да се третираат учениците со ова нарушување.
„Се сеќавам, 2004, кога ќерка ми тргна на школо во Холандија, во класот имаше детенце со даунсиндром. Сандер се викаше. Мајките на децата доброволно се пријавуваа да работат по еден час во школото со класот. Тоа беше вообичано тогаш, верувам сеуште е. Инволвираноста на родителите во школо има длабока смисла. Сите мајки имаа некаков ангажман. Мајка за комјутер, мајка за прошетка, мајка за палачинки, мајка за танц итн. Јас бев мајка за компјутер. Имав задача еднаш до два пати во неделата еден час да работам со дечињата на компјутер. Игри за развивање на логика. Игри на вклопување бои, форми итн. Сандер седеше кај мене во скут и секогаш кога компјутерот ќе дадеше весел сигнал на успешно завршена задача потскокнуваше од радост, ја вртеше главата и со очињата бараше потврда од мене. Сандер седеше две години во класот и беше омилен другар на сите деца. Му помагаа кога требаше и сите без исклучок, го сочекуваа и поддржуваа во активностите. Со радост, со бодрење, со отворено срце. По две години Сандер мораше да замине во друго школо. Децата не разбираа зошто. Тие не размислуваа ниту пак некогаш посочија, за тоа дека Сандер е поинаков од нив. Мајките, колку и банално да звучеше нивната ангажираност, со задоволство ги играа дадените улоги, секое утро, од 9-10, на смени. Доброволната инволвираност и интерес на родителите во образовниот процес (иако дел од нив и работеа), само укажува на еден поинаков систем на вредности, поразличен од оној -„да се отфрли детето на школо“. Понекогаш мислам дека ваквото искуство, за мене како мајка од Балкан е повредно од сите дипломи и успеси. Но и после толку години обиди за пренесување на моите искуства овде, разбрав дека кај нас ништо од тоа нема да може да се имплементира. Зашто во суштина никому не му гајле ниту за системот, а уште помалку за иднината, со акцент на партиите и нивната племенска култура, како кројачи на нашите животи!“
Министерот за образование, Јетон Шакири, сподели дека Ембла се враќа во школските клупи заедно со своите соученици.
„Четвртоодделеката Ембла Адеми од Гостивар не ја почувствува радоста од повторното враќање во училишните клупи на првиот ден од второто полугодие, затоа што, за жал во нашето општество сеуште постојат стереотипни размислувања и предрасуди за луѓето со посебни потреби.“
„Но, на мое лично и уште повеќе на задоволство на членовите на нејзиното семејство, а најмногу на нејзино задоволство од денес таа е повторно меѓу соучениците и неизмерно среќна што продолжува да стекнува нови знаења, да напредува и да ги развива пријателствата со своите врсници.“
„Среќата во очите на Ембла е наша заедничка среќа. Победа на општеството и на вистинските човечки вредности. Посакувам вакви ситуации да не се повторуваат. Затоа, мораме да продолжиме да даваме придонес кон подигнувањето на свеста за децата со попреченост.“
„Тие не се поразлични од другите и заслужуваат еднаков пристап до квалитетно образование како и сите други. Тоа е основно право и должни сме да го овозможиме, да создадеме услови во кои секое дете ќе го развива и ќе го реализира својот полн потенцијал.“
„Да докажеме дека подигнувањето на инклузивноста на образовниот систем е наш врвен приоритет и процес кој ќе продолжиме да го спроведуваме.“
„Драга Ембла, ти посакувам успех во понатамошната едукација. Застанувам позади тебе во секоја следна битка!“