Претседателот Стево Пендаровски и неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска присуствуваа на вечерашното отворање на „Браќа Манаки“ во Градот на конзулите.
Под мотото „И покрај сè“, започна 42-рото издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера, а парот зачекори на црвениот тепих на церемонијата која се одржа во Пациото на Завод и Музеј – Битола.
49-годишната Прва дама пленеше во едноставен црн фустан со А-крој со апстрактен принт на десната страна и бежови салонки.
Почитувани организатори на фестивалот „Браќа Манаки“, почитувани лауреати, драги гости и пријатели,
Јасно е дека живееме во време-невреме што ги забави, дури и замрзна нашите животи, во кои сликите од различните модели на комуникација, на едно симболично, но и на фактичко ниво престанаа да бидат подвижни. Сведочиме за прекин на нашите внатрешни и заеднички нарации, како можност за подобар живот, а таквата состојба не му е својствена на човекот, напротив, таа му создава празнини кои тешко се пополнуваат. Дури и повеќе во таа желба за враќање на динамиката на животот, на нашите подвижни слики, филмската уметност, особено во овие пандемиски времиња, е екстензијата која води кон прекинатите човечки и емоционални варијации на животот.
Како што во една прилика забележа Тарковски, целта која ѝ е доделена на филмската уметност, не е како што често се претпоставува да служи само како допадлив пример за разонода. Целта на филмската уметност и воопшто на уметноста е да ја подготви личноста за соочување со сите искушенија, па дури и со смртта, да ја изора и вознемири нејзината душа, давајќи ѝ можност да се врати кон доброто и благородното кое некаде по пат низ животот го загубила.
Почитувани, чест ми е што сум покровител на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, како еден од најзначајните културни настани во нашата земја, бездруго значаен и на меѓународно ниво.