Елизабета Ѓоргиевска присуствуваше на отворањето на Центарот за ментално здравје и психо-социјална поддршка во Скопје.
Македонската прва дама му честиташе на Црвениот крст на Република Северна Македонија за отворањето на Центарот чии приоритети се развој на програми наменети за едукација на пошироката јавност, дестигматизација на менталното здравје и зајакнување на резилиентноста на заедницата.
„Споделувањето на личните проблеми со обучено лице може да биде клучно во нивното надминување и во спречувањето на сериозни ментални болести и нарушувања. Како волонтер на линијата за психо-социјална поддршка на Црвениот крст, свесна сум за потребата од ваков Центар, и уверена сум дека советодавната поддршка и едукација што ќе се пружи, ќе има значаен придонес во нашето општество“ – напиша Ѓоргиевска.
На отворањето присуствуваше и министерот за здравство Беким Сали.
„Министерството изготвува и посебна Програма, во чии рамки е предвидено отворање центри за ментално здравје како вонинституционална форма на лекување. Неодамна го отворивме Центарот за ментално здравје во Кочани, во тек се подготовки за отворање ваков центар во Битола, како и на центар наменет за младите“ – истакна д-р Сали.