Во улога на покровител на ИФФК „Браќа Манаки“, Стево Пендаровски присуствуваше на свеченото затворање заедно со неговата сопруга Елизабета Ѓоргиевска.
Парот се појави на црвениот тепих пред Центарот на култура во Битола во елегантно издание. Првата дама избра црна комбинација со едноставен фустан со набор на левата страна, а беше наметната со кожена јакна.
Двојката позираше со директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски.
Пендаровски му ја врачи специјалната награда Златна камера 300 за особен придонес во филмската уметност на Шејмус Мекгарви.
Во својот говор, македонскиот претседател рече:
Ме радува фактот што филмската уметност, како и уметноста воопшто, секогаш успева да опстои, дури и во најпредизвикувачки услови. Таа секогаш им пркоси на сите економски и општествени контексти кои не се сосема благопријатни за креативното изразување. Токму затоа, на последниот ден од овогодишното издание на најстариот фестивал на филмска камера на светот „Браќа Манаки“ би сакал да им честитам на организаторите на истрајноста, а на лауреатите за сите досегашни и идни успеси кои без сомнение ќе дојдат...
Овогодишниот фестивал во изминативе седум дена понуди исклучителна програма и Битола ја претвори во простор за средби и дијалог со врвни филмски и киноматограферски имиња. За овој успех, сакам да му честитам на целиот тим и да посакам овој фестивал да прерасне во вистинско меѓународно современо културно наследство.
Фестивалот беше затворен со филмот „Лена и Владимир“ на Игор Алексов, приказна за двајца бегалци, раскажана во сценариото на Александар Русјаков.
Фотографии: Ивона Кочов / Femina.mk