Министерот за здравство Венко Филипче ја соопшти одлуката за враќање на полицискиот час.
Владата го разгледа предлогот на Комисијата за заразни болести и одлучи да има локализиран карантин од четврток до понеделник за општините во кои во изминатиот период беа регистрирани поголем број нови случаи на КОВИД-19. Исто така, беше прифатен предлогот за повремен полициски час на останатиот дел од нашата држава.
Владата донесе одлука за враќање на полицискиот час и рестрикциите на движењето, односно се воведува целосна забрана на сите граѓани на Скопје, тоа се сите скопски општини, понатаму Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) во 5 часот наутро.
Во сите останати градови се забранува движење на сите останати граѓани од четврток (4 јуни) во 21 часот до петок (5 јуни) во 5 часот наутро. Значи во останатите градови, во петок, сабота и недела, забраната повторно почнува од 16 часот и трае до следниот ден до 5 часот наутро.
Во периодот од четврток (4 јуни) во 21 часот до понеделник (8 јуни) до 5 часот се забранува посетата на гробиштата на територијата на целата држава, освен во случај на погреби.
Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
Остануваат на важење сите издадени дозволи за движење за време на претходните забрани за движење кои беа воведени, особено за економските оператори и за работа организирана во смени.
Прошетката на милениците ќе биде во веќе востановените термини во периодите 08:00 до 8:30, 15:00 до 15.30 и 20:00 до 20:30 часот.
Забраната за движење не важи за лицата со попреченост и за нивните придружници доколку имаат соодветна документација.
Венко Филипче