Новиот Предлог закон за работни односи не предвидува продолжување на породилното отсуство за мајките, но им овозможува и на татковците да отсуствуваат од работа за да се посветат на грижата на малечките.
Министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска објави дека мајките ќе можат да користат 5 месеци мајчинско отсуство, а за секој родител ќе следува и по 4 месеци родителско отсуство.
Наместо досегашното породилно отсуство, се предвидува поделба на отсуствата на мајчинско, татковско и родителско отсуство.
Татковското е во траење од 15 дена и се користи веднаш по раѓањето на детето, ако е едно дете, а за близнаци, тројки и повеќе родени деца, во траење од 20 дена.
Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно.
Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителското отсуство на мајката, значат дека детето, наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци.
Јованка Тренчевска
Во врска со новиот предлог, Тренчевска потенцира дека ќе се одржат серија јавни расправи со цел вклучување на јавноста и појасни: „Воспоставувањето на трите вида на отсуство освен обезбедување на заштита, имаат за цел и изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на подигање на детето или децата“.