Почетна » Новости » Актуелно » Нина Неданоска, успешна и модерна дама: „Додајте една лажичка љубов во сé што работите и вкусот ќе биде одличен“

Нина Неданоска, успешна и модерна дама: „Додајте една лажичка љубов во сé што работите и вкусот ќе биде одличен“

Кога ќе наидете на дама која со истрајност се искачила до врвот, со грациозност го скршила „стаклениот плафон“ и со огромна посветеност го одржува деликатниот еквилибриум помеѓу професионалната амбициозност и личната исполнетост, невозможно е да не бидете инспирирани.

Нина Неданоска е пример како со цврста визија, напорна работа и транспарентност можете да си го трасирате патот кон остварување на деловните соништа, без да правите компромиси со животот надвор од бизнис амбиентот.

Успешната кариера ја започнала како благајник, а денес е Заменик претседател на Управниот Одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, банката која ја нарекува свој втор дом. Две децении поместува граници во финансискиот сектор додека семејно е реализирана сопруга и горда мајка на три деца.

Во интервју за Фемина, Неданоска ни откри повеќе за професионалниот напредок, женското лидерство, животните вредности, беспрекорниот стил, празничните семејни традиции и негувањето на мотивацијата.

Нина Неданоска во нејзината канцеларија во Шпаркасе БанкаНина Неданоска, Заменик претседател на Управниот Одбор на Шпаркасе Банка

Вашата професионална приказна е особено инспиративна. 20 години вешто маневрирате во банкарскиот сектор и од благајна постепено се искачивте до самиот врв – Член и Заменик претседател на Управен одбор на Шпаркасе Банка. Споделувате дека целта да работите во банка ви е од основно училиште. Може ли накратко да нè поведете низ тоа деловно патување?

Започнав како благајник, а скалилата нагоре ги качував чекор по чекор.

- Ви благодарам за поканата да бидам дел од вашиот медиум и за убавите зборови за мојата лична и професионална кариера. Точно! Кога ја носев одлуката во кое средно училиште да се запишам, изборот беше направен така што крајната цел ми беше вработување во тогашната Охридска Банка. Колку тоа и да изгледало тогаш како некоја детска желба, јас точно знаев што сакам и еве веќе 20 години си го живеам сонот. Започнав како благајник, а скалилата нагоре ги качував чекор по чекор, благодарение на посветеноста, напорната работа и доверливоста. И никогаш немав за цел да стигнам до оваа позиција, туку едноставно на секоја работна позиција го давав максимумот од себе и тоа ме водеше чекор напред.

Од оваа перспектива денес, како заменик претседател на Управниот одбор на Шпаркасе Банка АД Скопје, сметам дека надминав многу предизвици, најмногу поради тоа што Банката ја доживувам како мој втор дом. И сега, кога ги сумирам резултатите од двете децении во банкарскиот свет, навистина сум горда што успеав да си ја реализирам професионалната желба да бидам менаџер во банкарскиот сектор и тоа во Шпаркасе Банка АД Скопје, банка која е дел од семејството на Групацијата Ерсте и Штаермаркише Шпаркасе и која постигна врвни резултати во Македонија за кус временски период.

Нина Неданоска

Дведецениската кариера ви ја одбележуваат редица успеси. На кои постигнувања сте особено горди, а кои предизвици најсилно ве изградија како професионалец?

Кога го работите тоа што вистински го сакате, тогаш успехот е логичен.

- За секој успех, како што реков, е потребен голем труд и верба во себе. Ништо не е лесно и брзо остварливо. Но, кога го работите тоа што вистински го сакате и она што верувате дека умеете добро да го завршите, тогаш успехот е логичен.

Кога барав од татко ми да ми го даде рецептот за најубавите плескавици на светот, а потоа не ми излегуваа како неговите, знаеше да ми каже: „Забораваш на крај да додадеш ‘една лажичка љубов’“. Е токму таа лажичка љубов јас секојдневно ја додавам во мојата работа.

Горда сум на секој добиен нов клиент, на секој даден кредит или добиен депозит, на секоја донација со која барем на некој начин придонесуваме за подобар живот, на секој завршен проект кој ја води Банката напред. Особено сум горда на успешно завршениот проект со Министерството за образование и наука, со кој докажавме дека во екстремно кратки рокови можеме да отвориме сметки, издадеме картички и без проблем да услужиме над 28.000 студенти. Токму овие деца сега се нашата иднина и токму тука, со нив, не смееме да направиме никаква грешка. Но, да не се лажеме, јас сама не можам ништо да направам. Без професионалноста, посветеноста и грижата на нашите 650 вработени, Шпаркасе Банка сигурно немаше да биде ваков сериозен играч во банкарскиот сектор како што е сега. Токму затоа, сум максимално горда и благодарна на целиот тим во Банката. Во вакви неизвесни околности и разни кризи со кои се соочуваме изминатите години, предизвик станува секојдневното функционирање. Секако, ништо не е ни толку слично на предизвикот со кој се соочувавме при интегририрањето на двете банки – Охридска и Шпаркасе – во што бев директно вклучена. Но и тој процес успешно го реализиравме и некако веќе избегнуваме да зборуваме за тоа.

Исто така, морам да споменам уште еден предизвик лично за мене, а тоа е проектот за новата управна зграда на тогашна Охридска Банка, каде бев назначена за проект менаџер. Токму тој проект мене лично повторно ми покажа дека упорноста и посветеноста се клучни за кој било успех, дури и во област за која немате речиси никакво познавање. Тогаш богами ги збунив и моите деца, кои беа мали, а често ги носев на објектот, па ме прашуваа од каде сега мама прави згради, кога досега мислеа дека дава кредити.

Најголемиот предизвик во моментов за нас е како да ги задржиме мотивирани и среќни нашите вработени. Тоа ни одзема најмногу време и енергија, но не жалам за ниеден посветен момент, зошто навистина – вработените ни се најважниот ресурс.

Нина Неданоска

Во светски рамки, женското лидерство е во подем, но кај нас сè уште е мал бројот на дами на лидерски позиции. Каде гледате простор за подобрување? Забележувате ли промени во перцепциите и односот кон македонските жени-лидери во последните години?

Жените носат поинакви вештини, компетенции и квалитети, коишто се корисни на менаџерската маса.

- Во Шпаркасе Банка доминираат жените, вклучително и жени на менаџерски позиции. Јас верувам дека не сум на оваа позиција поради запазување на некоја квота на застапеност на жените на менаџерски позиции, исто како што знам дека сите жени кои се на менаџерски позиции во нашата банка, се исклучиво по заслуга. Ние цврсто веруваме дека само квалитетните луѓе излегуваат на површината и сметам дека сите одлично се носат со тежината на позициите на кои работат.

Жените носат поинакви вештини, компетенции и квалитети, коишто се корисни на менаџерската маса. Родовата разновидност во лидерските тимови води до подобро одлучување и подобрување на финансиските перформанси, пред сѐ поради различниот пристап и надополнувањето. Со активно промовирање на жените во лидерски улоги, Шпаркасе Банка ја зајакнува својата заложба за поттикнување на средина, каде се негуваат талентот и потенцијалот, без разлика на полот. Оваа посветеност на родовата колоритност на лидерските позиции во Шпаркасе Банка, не е само одраз на основните вредности на банката, туку и се усогласува со глобалните визии за промовирање на инклузивноста и еднаквите можности на работното место.

Успевате без исклучок да изгледате беспрекорно и да вметнете индивидуалност дури и во деловниот стил кој вашата професија налага да се базира на формалност и строгост. Какви се вашите гледишта за модното изразување? Експериментирате ли повеќе со стилот приватно?

Преферирам класичен деловен стил во формалните активности.

- Ви благодарам на дадените комплименти. Она за што постојано се залагам и гледам да го практикувам е да бидам средена во секоја ситуација. Нормално дека стилот го прилагодувам зависно од настанот и местото каде се наоѓам. Емотивната состојба на секој човек влијае на надворешниот изглед, но ние жените тука имаме одредена предност и често знам да се пошегувам дека му благодарам на тој што ја измислил шминката ☺.

Убаво е да се следат модните трендови, но јас секогаш преферирам класичен деловен стил во формалните активности. Носам костуми, но честопати во мојот избор се и модерните фустани. Ако порано преферирав потемни нијанси во деловното работење, во позрелите години сум смела, па носам и повесели тонови. Впрочем, и групацијата на Шпаркасе од неодамна го смени корпоративниот идентитет и ги проширува видиците со колоритни корпоративни бои. Па, ете и јас сé почесто го следам тоа. И навистина повесело и се чувствувам. Приватно секако сакам поопуштени изданија, што би рекле кежуал изглед, па во последно време многу често ќе ме видите во патики.

Нина Неданоска

Додека успешно ја градевте кариерата, придобивте и две нови ултра важни улоги – мајка и сопруга. Колку ве промени мајчинството како личност и како влијаеше фамилијарниот живот врз вашиот професионален прогрес?

Верувам дека со правилна организација, сé може да се постигне.

- Голема е одговорноста кога сте на челна позиција во банка како што е Шпаркасе АД Скопје. Тоа бара многу време, посветена работа и енергија да балансирате со обврските. Паралелено со банкарската кариера, речиси од самиот почеток на вработувањето, се реализирав и како сопруга и мајка на три прекрасни деца, улога која носи голема одговорност и обврски во животот. Трите деца се на различна возраст, од кои едното е сега на школување во странство и навистина понекогаш мислам дека уште ми недостига магионичарско стапче, па ете да постигнам сé на различни страни. Гледам сето тоа успешно да го менаџирам и верувам дека со правилна организација, сé може да се постигне. Секако и со голема помош и поддршка од семејството.

Инаку важам за строга мајка, која има големи очекувања од своите деца, па некако често знам да добијам коментар дека не мора и дома да сум Директор ☺. Но, природно е она што го носите во себе од приватниот живот да го применувате во работата, и обратно, често она што ќе го научите низ работата ќе го воведете и во домашното однесување.

Кои животни вредности сметате дека се од суштинско значење и се стремите да ги втемелите кај следната генерација? На што сакате да ги научите децата?

На моите деца и на помладите колеги им кажувам кога ќе одберат да работат нешто, да гледаат постојано да им „пее пилето во градите“ и секогаш да даваат максимум.

- Учење, одговорност, дисциплина и страст во сé што работите, се животните вредности кои мене ме водеа во кариерата и кои сега јас им ги пренесувам на моите деца. Тоа го научив уште кога бев дете, кога мајка ми од мали години ме учеше да правам одредени работи во домот, но морав секој следен пат да ги направам подобро и подобро. Важно е идните генерации да знаат дека за успех пред сé е потребно домашно воспитување, одговорност, посветеност и постојано надоградување на вештините. Но, најмногу од сé е потребно да го сакате тоа што го работите.

На моите деца дома, но и на помладите колеги на работа, постојано им кажувам дека може да одберат да работат што и да сакаат. Но, кога ќе одберат да работат нешто, да гледаат постојано да им „пее пилето во градите“ и секогаш да даваат максимум. Да бидат најдобрата верзија од себе. Никогаш да не се задоволуваат со просечност, да постават високи цели и да веруваат дека може да ги остварат. Само во тој случај, успехот е неизбежен. Секако, во сето тоа најбитно е да останат ЛУЃЕ. Секогаш и на секого да помагаат, онолку колку што можат, да ги ценат и почитуваат сите околу нив, независно на која позиција се наоѓаат.

Наближува највеселиот период од годината. Која семејна традиција што ја негувате за време на новогодишните и божиќните празници ве исполнува најмногу?

Бадниковото лепче ни стана традиција откако живееме во Скопје.

- Новогодишните и божиќните празници внесуваат посебна магија кај секој од нас. Барем така навикнавме од деца. Секогаш очекуваш и се надеваш дека новата година ќе ти донесе поубави моменти, ќе биде повесела, побериќетна во секоја смисла на зборот. Секогаш го славиме она што поминало, но многу повеќе ја славиме вербата во иднината. Овие празници ги поминувам на различни места, зависно од тоа што сме договориле. Некогаш во Скопје со пријатели, некогаш на скијање, некогаш во родниот Охрид. Сé си има своја убавина, но на крај, моментот го правиме ние самите.

Годинава ќе бидам во Скопје, бидејќи и децата одат на свои забави, па мора да сме тука некаде околу нив. Бадниковото лепче ни стана традиција откако живееме во Скопје, но по охридска линија, сé уште многу повеќе си ја почитуваме питата со паричка за Василица ☺.

Нина Неданоска

Со оглед на тоа што сте на исклучително одговорна позиција и вашата дневна агенда е константно исполнета, работно сте умствено ангажирани 100%. Имате ли ритуали со кои ја одржувате позитивната енергија и мотивацијата? Како останувате фокусирани кога обврските го диктираат тоа, како се стимулирате ментално, а како се релаксирате и пронаоѓате време за самоподобрување?

Секогаш ме мотивира добра мисла, надминат предизвик и препознаен успех.

- По природа сум позитивна личност, се трудам секогаш да имам насмевка на моето лице. Барем кога ме гледаат други луѓе ☺. Што се однесува до работата, навистина не ми треба посебна мотивација. За мене тоа е со истиот напор како што го дишам воздухот. А тоа е исклучиво само заради тоа што јас се чувствувам дека без оваа работа, како што се кажува, не би можела да живеам. Но, секогаш ме мотивира добра мисла, надминат предизвик и препознаен успех. Секогаш се трудам да се дружам со добри и позитивни луѓе, како што се нашите во Шпаркасе Банка.

Како дама која умешно балансира „личен живот-работа“ и која е посветена на достигнување на зацртаните животни цели, која е вашата најзначајна порака кон жените?

- Верувајте во себе. Но, верувајте им и на вашите соработници. Бидете трпеливи и учете. И работете го само тоа што го сакате. Смејте се секогаш. Но и исплачете се ако така се чувствувате. Сепак, секогаш ставете црвен кармин и носете штикли!

Фото: Далибор Митковски / Femina.mk

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19738 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.