Кога биле прашани лицата со попреченост што сакаат најмногу, скоро сите го дале истиот одговор: „Да бидат почитувани како еднакви со другите и прифатени од општеството“.
„И јас сум тука“ е изложба на фотопортрети од лица со попреченост, којашто изминатиот петок беше отворена во фоајето на Центарот за култура во Битола. Истата ќе трае десетина дена.
Изложбата се родила од потребата да се зборува гласно за луѓето кои се меѓу нас, а понекогаш се правиме дека не ги забележуваме. Паралелно со изложбата беа промовирани книгите „Никогаш не престанувајте да се гушкате“, која содржи мудри зборови и цитати од театарот „Глада Худик“ од Оса Елморт (превод од шведски јазик) и книгата „И јас сум тука“ чии автори се Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов.
Македонската книга „И јас сум тука“ е обид за патување кон еден подобар свет. Да се свртиме кон нас и кон другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана.
„Предрасудите лесно се создаваат, а лесно заминуваат од нас. ‘И јас сум тука’ е еден обид кон тој чекор. Мисијата на театaрот ‘Глада Худик’ и Пер Јохансон од Шведска пропатува низ Латвија и Грузија, а на наша голема радост пристигна и во Македонија. Борбата за подобар свет почнува од децата дека светот се сака таков каков што е – шарен!“ – рече на отворањето на изложбата Сребра Ѓорѓијевска, која е автор на текстовите на книгата „И јас сум тука“.
Во книгата се сместени 20 фотопортрети кои зрачат со неизмерна човечност и топлина и 20 текстови кои на едноставен начин ги претставуваат животите, желбите, борбите и талентите на лица со посебни потреби од различни градови од Македонија.
„Проектот ‘И јас сум тука’ беше големо патување за мене и за фотографот Тоше Огњанов. Секоја средба со хероите на оваа книга беше откривање на еден свет, а посебен предизвик беше запознавањето на најголемите борци што сме ги запознале во животот – семејствата на овие прекрасни души“ – дополни Ѓорѓијевска.
Театарот „Глада Худик“ бил основан пред 25 години од Пер Јоханскон во Шведска. Ансамблот на театарот го сочинуваат актери кои се со, но и без интелектуални попречености.
„Кај нас фокусот е повеќе ставен на способноста отколку на неспособноста. Знаеме дека за промени и подобрувања е потребно време, но ние не правиме компромис во нашата верба во општеството во кое има место за сите. Театарот ‘Глада Худик’ има задача да ги промени гледиштата и начинот на размислување на целиот свет во однос на лицата со интелектуална попреченост. Тоа проникнува во сето она што го работиме. Стигнавме далеку, но нашата работа е на почеток“ – пишува Пер Јохансон основачот на театарот „Глада Худик“ во предговорот на книгата.
На отворањето на изложбата присуствуваше и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска.
По отворањето на изложбата беше прикажан документарниот филм „Модна ревија: Од 'Глада Худик' до Њујорк“ (Catwalk) во режија на Јохан Ског. Станува збор за популарен филм во Шведска во кој учествуваат актерите од театарот „Глада Худик“, на кои им се остварува животниот сон да учествуваат на модна ревија во Њујорк. Сценариото е на Терезе Брингхолм, Лиа Сидерштром и Јохан Ског. Улогите ги толкуваат: Ема Ертлунд, Никлас Хилберт, Пер Јохансон, Ида Јохансон, Аника Гранлунд Јонсон.
Трејлер за филмот „Модна ревија“ (Catwalk)
„И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“, чиј иницијатор е театарот „Глада Худик“ од Худиксвал, Шведска, со поддршка на Шведскиот институт. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Здружението „Солем“ преку разни активности се вклучи во проектот за што повеќе деца во земјава да бидат опфатени.
Фотографии: Диоген Хаџи-Коста Милевски