Почетна » Колумни » Ловец на приказни » 365 кибритчиња за секој ден од годината!
Ловец на приказни

365 кибритчиња за секој ден од годината!

Новата година означува почеток на еден нов животен циклус. Новите 365 дена, колку брои годината, се и 365 нови утра и вечери или 365 нови шанси и надежи за подобар живот.

Посакувам во новата година секој од нас да му даде предност на доброто. И мојот мал син знае дека доброто со добро се враќа, иако можеби звучи утопистички, оти во овој свет каде себичноста е на цена, добрите дела се утопија.

Девојчето со кибритчињата

Секогаш кога доаѓа Новата година ми се враќа сликата на малото босоного девојче од приказната „Девојчето со кибритчињата“ како седи стуткано и пали кибритче за да се стопли. Нема да ја раскажувам сега целата приказна, но ќе извадам еден момент за кој не можам да ги контролирам моите чувства, и ронам солзи кои не знаат да запрат.

Девојчето запали уште едно кибритче и во неговата светлина стоеше нејзината баба и се насмевнуваше. ,,Бабо“, заплака девојчето. „Ох, земи ме со тебе! Јас знам дека ти ќе исчезнеш кога кибритчето ќе догори. Ќе заминеш исто како слабиот топол оган, печената гуска и убавата божиќна елка“.

На крајот, нејзината баба ќе ја одведе високо на небото, каде не постои ниту глад, ниту студ, ниту нељубезност. Тие ќе отидат во рајот. А случајните минувачи ќе го најдат мртвото тело на девојчето.

Ова е приказната која треба да нè потсетува на тоа дека треба да бидеме среќни за тоа што го имаме, но за жал, ова е судбина на многу деца во светот, а ги има и кај нас.

Жално е кога децата немаат иднина. Родителите се креатори на нивните мизерни животи, ги учат да крадат, да просат, да бидат неблагодарни. Не знам, можеби не сум инволвирана во нивните животи и не ја знам нивната приказна. Но знам дека тие улични деца, иако многу пати сум им дала пари, секогаш бараат уште. „Тетке жити швалерот дај уште десет, тетке дај уште пет“. Јас се движам по улицата, а тие одат по мене. Секако, тие не се криви, оти се деца, така ги учат. Но и девојчето од приказната да се сожалеше некој немаше да се смрзне од студ. Секако едното е приказна, а овие деца се сурова реалност.

Еднаш бев трогната од едно момче кое заедно со својот татко нудеше мали букети со ливадско цвеќе. Претпоставувам дека беа од скопските села. Не планирав да купувам цвеќиња оти бев тргнала на пат. Си реков, ај ќе им направам промет!

Момчето беше многу слатко, со рачето ми покажа дека има 4 години. Букетот беше 50 денари, а јас му дадов 100 и му кажав дека не сакам кусур. Во тој момент таткото ми даде уште еден букет. „Не, не сакам, доволно е еден“, реков јас, а тој љубезно инсистираше и ми рече: „Ова е од нас“. Бев трогната од гестот. Тогаш си помислив колку некои луѓе за мала работа знаат да бидат благодарни, а други пак, се ненаситни и никогаш не им е доста.

Мал милион пати сум видела луѓе кои за обична работа, некогаш и безначајна, стопати ќе се заблагодарат, а на некои можеш и парче од својата душа да им дадеш, тие нема да го ценат тоа. Како што малиот пламен од кибритчето претставуваше огниште за девојчето, така и јас драги мои посакувам сите ние да имаме 365 кибритчиња кои ќе ни влеваат надеж и ќе ни го топлат срцето, а и ние да бидеме благодарни и да стоплиме нечија душа.

Автор: Тоа сум јас
Имам две човечиња на рамена, едно лошо и едно добро. Ова лошото гледам да не дојде до збор. Сакам позитивни луѓе. Тешко е човек да каже нешто за себе, а да не e тоа карактеристика која тој си ја умислил, оти најлесно е кога се зборува за другите.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19729 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.