Почетна » Кариера » На работното место » Озборувањето на работното место

Озборувањето на работното место

Озборувањето е насекаде околу нас. Тоа е дел од содржината во весниците и списанијата, од разговорите со пријателите на кафе, незаменлив дел од фризерскиот третман... А, озборувањето не го заобиколува ниту работното место. Повеќето луѓе едноставно не можат да му одолеат.

ОзборувањеИако озборувањето понекогаш е забавно, последиците од озборувањето на работното место се скоро секогаш негативни.

Озборувањето не е секогаш штетно. Тоа може да биде забавно, да придонесе колегите полесно да се зближат и да ја намалат напнатоста на работната атмосфера. Ако центар на озборувањето се славните личности, тоа може да внесе хумор во разговорите, но ако мета е некој од колегите, тогаш работите се менуваат.

Иако преку озборувањето понекогаш се доаѓа до корисна доверлива информација за фирмата или за колегите, последиците од озборувањето на работното место се скоро секогаш негативни и во крајна сметка ја убиваат репутацијата и продуктивноста.

Зошто се појавува озборувањето?

Озборувањето на работното место е една од најчестите причини поради кои луѓето се несреќни на работа. Па тогаш, зошто повеќето продолжуваат да го практикуваат?

Озборувањето е универзално човечко однесување и помага да се задоволат некои потреби и желби.

  • Потреба да се убие досадата. Многу често озборувањето започнува поради потреба да се убие здодевната работна атмосфера. Озборувањето секогаш е поинтересно од реалните настани во фирмата, па луѓето го применуваат за да внесат забава во своето секојдневие.
  • Желба за моќ. Постојат луѓе кои секогаш сакаат да бидат над другите, па ако постои некој што може да им ја загрози таа позиција, тогаш ги преминуваат границите и започнуваат со озборување. Дури и ако нема „материјал“, тие ќе си го измислат. Тие сакаат да останат први, без разлика на последиците. Озборувањето дава и моментална моќ кога озборувачот ги шири гласините, затоа што сите сакаат да бидат во негова близина и да слушнат повеќе детали.
  • Желба за внимание. Редовните озборувачи имаат желба да станат личноста кон која ќе се обратат сите кои сакаат да дознаат што се случува на работното место или во животот на колегите, т.е. секогаш некој да им посветува внимание.
  • Потреба да се биде дел од групата. За некои луѓе наједноставен начин да се вклопат во групата е да започнат со озборување. Навистина озборувањето помага за остварување на поблиски контакти и поврзување, но тоа не е идеалниот начин за градење имиџ на работното место.

Како да го избегнете озборувањето?

Озборувањето на работното место носи многу негативни последици и не можеме да кажеме дека треба да се елиминира, затоа што е невозможно, но треба да се сведе до минимум.

  1. Не озборувајте вие. Ако сакате нешто да се промени, започнете од вас. Постојат многу причини поради кои што треба да ставите крај на „пренесувањето“ на информација:
    • Озборувањето ја уништува репутацијата и на озборувачот и на озборуваниот.
    • Со озборувањето вие повредувате нечии чувства.
    • Ако си изградите имиџ на озборувач, луѓето ќе имаат помала доверба во вас.
    • Може ненамерно да предизвикате конфликт.
    • Ако вие озборувате, поголема е веројатноста да станете мета на други озборувања.
    Колку и да ви изгледа примамливо озборувањето со колешките, оставете го за по завршувањето на работното време и за во друштво со луѓе кои добро ги познавате. Колку и да мислите дека колегите ве почитуваат и дека во нив може да имате доверба, не е исклучено еден ден непријатно да ве изненадат.
  2. Внимавајте што зборувате. Понекогаш дури и да немате намера да озборувате, вашите зборови можат да бидат погрешно сфатени. Некои луѓе се склони од секој разговор да си направат настан и лажно да го пренесат понатаму.
  3. Претпоставете дека сè што ќе кажете ќе биде раширено. Многу малку луѓе можат да чуваат тајна. И најверните пријатели некогаш може да ве изневерат, а што останува за колегите. Пред да ја отворите устата, добро размислете што ќе кажете, затоа што најверојатно истиот разговор ќе стигне и до други уши.
  4. Извлечете се ако некој започне да озборува во ваше присуство. Доколку започне невкусно озборување во ваше присуство, најдете изговор да се оддалечите од озборувачот. Кажете му дека имате работа или дека сте заборавиле да направите нешто важно.
  5. Научете се да не возвраќате на провокации. Држете се понастрана од луѓе кои со својот разговор сакаат да иницираат озборување. Таквите личности најчесто провоцираат со неколку реченици и потоа оставаат другите да ја преземат топката. Ако се најдете во таква ситуација, едноставно не велете ништо. Оставете го озборувачот да заврши и без коментар за озборувањето најдете начин да се разделите.
  6. Доколку дознаете дека сте мета на озборување, соочете се со озборувачот. Ако дознаете дека се шират гласини за вас, не плашете се да се соочите со оној кој ги започнал или оној кој што продолжува да ги шири. Не преземајќи ништо вие само ќе создадете простор за нови озборувања. Најдобро е веднаш да се соочите насамо со лицето што озборува за вас и да му ставите до знаење дека знаете сè и дека очекувате коректно однесување од него. Овој разговор задолжително спроведете го насамо.

Некои луѓе се спремни на сè за да го добијат она што го сакаат. Тие најдобро можат да ги искористат вашите зборови против вас. Затоа, внимавајте што и пред кого зборувате на работното место.

Сепак, понекогаш уживајте во здравото забавно озборување.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.