Почетна » Здравје » Интимно » Кегелови вежби за поголемо сексуално задоволство

Кегелови вежби за поголемо сексуално задоволство

Сигурно сте слушнале дека постојат одредени вежби кои можат да ви помогнат да си го подобрите сексуалниот живот. Едни од нив се и Кегеловите вежби, кои освен што помагаат за постигање на поинтензивен оргазам, им помагаат и на оние кои страдаат од инконтиненција (неспособност да се контролира задржувањето на урината).

Жена што прави кегелови вежбиКегеловите вежби се едноставни и можете да ги правите насекаде без да бидете забележани.

Што претставуваат Кегеловите вежби?

Кегеловите вежби се најдобар начин да ги зацврстите долните карлични мускули по природен пат. Името го добиле според д-р Арнолд Кегел, кој во 1948г. за прв пат започнал да ги препишува како лек за да ја спречи инконтиненцијата по породување.

Тие се состојат во стегање и опуштање на долните карлични мускули (лат. musculus pubococcygeus), а придонесуваат за подобрување на функцијата и тонусот на овие мускули.

Зошто се полезни?

Кегеловите вежби се полезни и за мажите и за жените. На жените им носат многу бенефиции:

  • Го олеснуваат достигнувањето на оргазам.
  • Го зголемуваат интензитетот на оргазмот.
  • Ја прават вагината почувствителна и сексуалното задоволство за време на однос поголемо.
  • Помагаат за зголемување на желбата за секс, затоа што со нивно стегање и опуштање се носи повеќе крв кон половите органи.
  • Помагаат против појава на инконтиненција, особено стрес инконтиненција, која настапува при кивање, кашлање, трчање или подигање на тешки предмети.

Се смета дека Кегеловите вежби помагаат и за полесно породување, а благодарение на нив, по породувањето мускулите полесно се опоравуваат.

Како да ги практикувате Кегеловите вежби?

Кегеловите вежби, како и сите други вежби за телото, треба да се практикуваат редовно. Лесни се и можете да ги правите насекаде, без никој околу вас да го забележи тоа. Еве што треба да направите за да го почувствувате ефектот од Кегеловите вежби.

Идентификувајте ги точните мускули

Често жените кои започнуваат со практикување на овие вежби стегаат погрешни мускули, како на пример мускулите на стомакот или мускулите во горниот дел на нозете. За да бидете сигурни дека предизвикувате контракции на точните мускули, можете да изберете еден од следните два начини:

  • Седнете на WC шолјата. Додека мокрите, обидете се да го задржите, а потоа да го ослободите млазот урина. Повторете го ова неколку пати, за да го запомните чувството. Треба да знаете дека практикувањето на Кегеловите вежби додека уринирате не е препорачливо, затоа што може да предизвикате уринарна инфекција.
  • Легнете и раширете ги нозете. Ставете прст во вагината и обидете се да ги стегнете мускулите околу него. Со прстот треба да го почувствувате стегнувањето на вагината.

Правете ги контракциите правилно

Откако ќе ги идентификувате точните мускули, треба да внимавате на неколку работи:

  • Не прекинувајте да дишете. Треба да бидете опуштени, да дишете нормално и да бидете во можност да разговарате додека ги правите Кегеловите вежби.
  • Не ги стегајте мускулите на стомакот, бутовите или задникот.
  • Не ги стегајте нозете.

Менувајте ја техниката

Потребно е да ги правите овие вежби секојдневно, но и да внесете малку разновидност во брзината и интензитетот.

Еве како да правите бавни контракции:

  • Стегнете ги мускулите исто како кога ја задржувате урината.
  • Држете ги стегнати 10 секунди.
  • Полека опуштете ги мускулите и избројте до 10.
  • Повторете 10 пати. Правете барем по 3 серии дневно.

Ако не можете да ги држите стегнати мускулите 10 секунди, добро е прво да започнете неколку дена со задржување од 3-4 секунди, а потоа со тек на време да зголемувате.

Еве како да правите брзи контракции:

  • Стегнете ги мускулите набрзина.
  • Задржете ги стегнати 1 секунда.
  • Опуштете ги и одморете ги само 1 секунда.
  • Повторете 10 пати. Правете барем по 3 серии дневно.

За крај...

Кегеловите вежби се едноставни и можете да ги правите насекаде – додека се возите, додека приготвувате ручек или додека чекате некого. Никој нема да ве забележи, а вие тајно ќе ги зајакнувате мускулите што ќе ви го подобрат сексуалниот живот.

За дополнително да си го зголемите сексуалното задоволство, пробајте да ги правите вежбите за време на секс или додека мастурбирате.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.