Почетна » Здравје » Заболувања » Хемороиди – непријатна појава со сериозни симптоми

Хемороиди – непријатна појава со сериозни симптоми

Појавата на хемороиди претставува едно од најчестите заболувања кај луѓето и има тенденција да рецидивира. Хемороидите се проширени и воспалени крвни садови во и околу анусот и долниот дел на ректумот. Се претпоставува дека повеќе од половина од популацијата ќе се соочи со овој непријатен проблем до својата 50-та година од животот. Се манифестираат и кај машките и кај женските лица подеднакво. Појавата е позачестена над 50-годишна возраст, бидејќи сврзното ткиво на крвните садови во ректумот и аналниот отвор со текот на годините старее и ја губи својата еластичност. Хемороидите се честа појава во текот на бременоста, но тоа не се поврзува со губење на еластицитетот на крвните садови.

Непријатното чувство во пределот на анусот кое вклучува болка, силно пецкање, чешање и крварење го сигнализира присуството на хемороиди, кои никако не смеат да се игнорираат.

За среќа, постојат третмани кои може да ги ублажат симптомите и целосно да ги излечат хемороидите.

Женско тело

Како настануваат хемороидите?

Крвните садови околу аналниот отвор имаат способност да се прошируваат при зголемен притисок, што може да доведе до нивно набабрување, односно отекување.

Проширените отечени крвни садови се развиваат под дејство на овој зголемен притисок во долниот дел на ректумот. Ваквиот зголемен притисок може да се јави поради:

  • Силно напрегање за време на празнење на цревата, односно при дефекација;
  • Обезност;
  • Хронична дијареја или опстипација;
  • Бременост. Во напредната бременост, големината на матката и бебето создаваат притисок врз вените;
  • Неправилна исхрана која вклучува многу мала количина на растителни влакна или многу зачинета храна;
  • Анален секс;
  • Долготрајно седење. Лицата кои се помалку физички активни и голем дел од денот го поминуваат во седечка положба, имаат поголеми шанси да се соочат со ова заболување.

Хемороидите може да бидат внатрешни (лоцирани во внатрешниот дел на ректумот, односно завршен дел на дебелото црево) или надворешни (кои може да се развијат под кожата околу почетниот дел на аналниот отвор).

Како да ги препознаете хемороидите?

Главни симптоми се:

  • Безболно крварење при празнење на цревата (дефекација). Може да забележите мала количина на светло црвена крв на тоалетната хартија;
  • Иритација, чешање или непријатно пецкање во аналната регија;
  • Болка и непријатно чувство;
  • Отеченост околу анусот;
  • Израсток во близина на анусот, кој при допир може да предизвикува болка и непријатно чувство;
  • Неконтролирано истекување на мала количина фекалии.

Можеби некогаш сте забележале неколку од овие симптоми, но не сте знаеле дека се работи за присуство на хемороиди. Општите симптоми на хемороидите се разликуваат во зависност од нивната локација.

Внатрешните хемороиди кои се појавуваат во внатрешниот дел на ректумот не можат да се почувствуваат, ниту пак да се видат и најчесто не предизвикуваат непријатност.

Кај надворешните хемороиди тегобите и болката се посилно изразени. Крварење, чешање и појава на поткожни сини јазолчиња кои наликуваат на перничиња, проследени со отеченост и остра болка, се симптоми и знаци карактеристични за надворешните хемороиди.

Дијагноза

Дијагнозата кај обата типа хемороиди ја утврдува специјализирано медицинско лице – гастроентеролог и обично вклучува рачен ректален преглед – ректално туше.

Со цел да се исклучат други заболувања кои причинуваат болка и крварење од анусот (полипи, иритабилни црева или рак на дебелото црево), но и поради фактот што внатрешните хемороиди се помеки од надворешните и потешко се дијагностицираат, потребно е да се изврши специјален преглед како аноскопија или ректоскопија (преглед исклучиво на крајниот дел на дигестивниот тракт – ректум и анус).

Компликации

Во ретки случаи хемороидите може да бидат причина за појава на анемија. Хроничното, односно континуирано губење на крв поради присуството на хемороиди, може да ја ослаби крвта и да резултира со намалување на бројот на еритроцитите. Анемијата се манифестира со слабост, малаксаност, замор, исцрпеност.

Втората посериозна компликација која може да биде предизвикана од хемороиди е гангрена. Доколку снабдувањето со крв до внатрешните хемороиди е оневозможено, хемороидот може да се потисне, односно приклешти, што дополнително предизвикува екстремна болка и води до изумирање (некроза) на ткивото, односно гангрена.

Лекување, совети и превенција

Голем број од третманите достапни за лекување на хемороидите се едноставни и изводливи во домашни услови. Во најголем дел од случаите, ова се можеби и единствените третмани кои ќе ви бидат потребни, а болката и симптомите обично се повлекуваат за помалку од една недела.

  • Користете кремови, масти и чепчиња кои се нанесуваат локално. Консултирајте се со вашиот доктор или фармацевт околу изборот на кремовите и останатите препарати наменети за лекување на хемороиди.
  • Одржувајте ја аналната регија чиста. Сапунот и останатите средства за туширање се непријатели на хемороидите и може само дополнително да ги иритираат. Истото се однесува и на влажните марамчиња кои содржат алкохол или пак се парфимирани. Се советува да го натопувате аналниот дел 2-3 пати во текот на денот во чиста и топла вода во времетраење од 10-15 минути. Туширањето се подразбира како дел од негата и вклучува нежно чистење на аналниот отвор и надворешниот дел околу него со топла до млака вода. Нежно избришете ја областа со чиста крпа со тапкање или пак исушете ја со фен.
  • Не користете сува тоалетна хартија. Сувата хартија е исто така непријател на хемороидите. По дефекација, навлажнете ја малку хартијата или пак искористете специјални влажни марамчиња кои не содржат алкохол или парфем во својот состав.
  • Не се напнувајте при празнење на цревата. Задржувањето на здивот и силното напнување при дефекација го зголемуваат крвниот притисок во крвните садови во долниот дел на ректумот. Исто така, избегнувајте предолго и непотребно седење на тоалет.
  • Испразнете се навреме. Веднаш штом ќе почувствувате потреба за дефекација, посетете тоалет, затоа што секое одложување кое може да се развлече и со часови, предизвикува потешко празнење на цревата и дополнителен притисок.
  • Користете мраз. Нежно притискање на анусот со неколку коцки мраз завиткани во чиста крпа може да помогне при ублажување на отоците и иритацијата.
  • Консултирајте се со доктор за користење на медикаменти. Можно е да ви биде препишана терапија, односно лекови кои ќе ја намалат болката и ќе ја ублажат непријатноста предизвикана од хемороиди.
  • Внесете промени во исхраната и животниот стил. Лошата и нездрава исхрана може да биде причинител на хемороиди. Се препорачува исхрана која вклучува повеќе свежо овошје, зеленчук и житарки богати со растителни влакна кои го подобруваат варењето. Ваквата исхрана овозможува помека и полесна столица, а тоа би значело полесно празнење на цревата и намалување на притисокот одговорен за појавувањето на хемороиди. Се смета дека 2 големи лажици црвено вино може да ја подобрат крвната циркулација, што секако е пожелно при борбата со хемороиди. Меѓутоа, поголема количина од овој црвен алкохолен пијалак не се препорачува, бидејќи може дополнително да ги иритира хемороидните јазли. Насочете се кон природна и здрава храна, бидејќи лековите и синтетичките препарати по подолго континуирано користење може да предизвикаат оштетување на слузокожата.
  • Пијте многу течности. Не го минувајте денот без 6-8 чаши вода или други течности, во кои не спаѓаат алкохолните пијалаци. Урината треба да ви биде светложолта или безбојна како вода. Тоа ќе ви помогне да имате помека столица.
  • Избегнувајте долго седење и бидете физички активни. Умереноста е клучот за добро здравје. Доколку вашата професија ве „врзува“ за стол подолго време, правете почести паузи со раздвижување и одберете умерена физичка активност, како пешачење или пливање, со цел да ја превенирате појава на хемороиди.
  • Не кревајте често тешки предмети. Ако сте принудени да кревате тешки предмети, издишувајте додека ги подигнувате. Не го задржувајте здивот додека кревате.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19684 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.