Почетна » Забава » Слободно време » Велигденско украсување на јајца

Велигденско украсување на јајца

Велигден е прекрасен христијански празник. Сите ги обожаваат обичаите сврзани со овој голем празник, особено традицијата на вапсување на јајцата и велигденското украсување на домот. Вапсувањето е многу забавно, па секогаш и најмалите членови на семејството се вклучуваат да помогнат.

Велигден е одлична прилика да внесете свежина во својот дом и да покажете колку сте умешни со украсувањето. Еве неколку идеи од кои што можете да започнете.

Велигденски јајцаВелигденски јајцаВелигденски јајцаВелигденски јајцаВелигденски јајцаВелигденски јајцаВелигденски јајцаВелигденски јајцаВелигденски јајца

Од самолеплива хартија исечете колку што можете повеќе мали крукчиња во различни бои. Потоа со нивна помош оформувајте фигури.

Доколку не успевате да ја залепите хартијата, искористете лепило. Во секој случај, многу е важно јајцето да биде ладно.

Не се ограничувајте. Колку пошарено, толку подобро.

За да направите јајцето да изгледа како мала кукла, потребни ви се картон (може од ролна тоалетна хартија), самолеплива хартија, фломастери, малку волница и лепило.

Од картонот исечете правоаголник, кој што кога ќе го свиткате во форма на цилиндар ќе го собере јајцето, без тоа да пропаѓа. Целиот правоаголник обложете го со самолеплива хартија во боја. Во долниот дел на картонот направете реси, а на другиот нацртајте со фломастерите колан.

Од останатиот картон исечете две раце (како на сликата) и залепете ги кај нацртаниот колан. Со фломастерите нацртајте очи, уста, нос и пеги. Земете неколку конци од волницата со должина околу 10cm и на средина врзете ги со мала панделка. Залепете ги на горниот дел од јајцето.

Доколку не сте многу умешни во вапсувањето, можете да купите јајца со бела лушпа и врз неа да направите некој украс. Едноставно исечете тенки ленти од самолеплива хартија и лепете ги од горниот кон долниот крај на јајцето. Шест мали ленти ќе ви бидат доволни за едно јајце.

Земете мала чинија од сервис за кафе и врз неа поставете купче ленти од украсна хартија. Тие ќе ја имаат улогата на гнездо. Најдобро е да употребите хартија со боја која е контрастна на бојата на чинијата.

Многу лесно можете да си направите украс пчеличка. Потребно ви е едно јајце, цврст конец или рибарски конец, темперни бои и четка, фломастери, лепило, тенко стапче или жица, малку пластелин, спојувалка и салфетка.

Прво треба да го испразните јајцето (прочитајте подолу како). Потоа низ двете дупки протнете тенко стапче или жица. На горниот и долниот дел ставете малку пластелин за да не мрда јајцето додека го бојадисувате.

Со помош на темперните бои нацртајте го јајцето со наизменични црни и жолти линии. Откако ќе се исуши, на горната страна со фломастер нацртајте очи и усни. Потоа исечете дел од салфетката во облик на крилја и залепете ги врз јајцето (како на сликата). Со помош на отворена спојувалка протнете го конецот низ двете дупки.

За да направите весели шарени јајца, потребни ви се темперни бои или течна боја за јајца. Најлесно е прво да ги вапсате јајцата, а потоа да ги украсувате. Може и целосно да ги избоите со темперни бои, но тоа одзема многу време. Пред да започнете да ги цртате украсите, многу е важно јајцето да биде ладно и бојата исушена.

За да нацртате мали цветчиња, употребете чепкалка за заби. Едниот крај натопете го во бојата и исцртувајте врз јајцето мали ливчиња.

За да го направите јајцето со големи точки, најлесно е да употребите молив со гума. Натопете ја гумата во бојата и нежно нанесувајте точки на јајцето.

Не е потребно да се обидувате да добиете правилни форми.

За да направите украси од јајца во вид на новогодишни елки, потребно е да го „издувате“ јајцето (прочитајте подолу како да го направите тоа), да имате до себе плутена тапа, лепило, чепкалка за заби, циркони, темперни бои, четка и мала ѕвездичка.

На долниот од јајцето залепете ја тапата. Потоа со помош на подебела четка со темперните бои премачкајте го јајцето. Откако ќе се исуши, врз него залепете циркони во различни бои или пак нацртајте украси.

Врз чепкалката за заби залепете ја ѕвездичката и протнете ја во горната дупка на јајцето. Ако немате ѕвездичка, можете да изработите украс од пластелин или хартија.

Секоја домаќинка знае дека при вапсувањето е можно неколку јајца да испукаат. Доколку наидете на ваков проблем, не се разочарувајте. Од испуканата лушпа можете да направите украси за други јајца.

Излупете ги јајцата и обидете се да ја отстраните мембраната од лушпата. Потоа ставете ги во кеса и искршете ги на мали парчиња. Измешајте лушпи со различни бои.

Јајцата што сакате да ги украсите премачкајте ги со лепило. Потоа протркалајте ги во искршените лушпи. Обидете се рамномерно да ги нанесете малите парчиња лушпи.

Доколку не сакате да се занимавате со вапсување или бојадисување, најлесен начин да направите шарени јајца е со салфетка. Земете една шарена салфетка и исечете од неа неколку квадратчиња.

Премачкајте го јајцето со лепило и потоа едно по едно лепете ги парчињата салфетка. Доколку ви останува празен простор помеѓу нив, пополнете го со тенки лентички од салфетката. Со помош на прстите добро лепете ја салфетката за да не остане насобрана.

Ако салфетката е двослојна, употребете го само едниот слој.

За да направите интересен велигденски украс потребни ви се: картонска влошка за јајца, ленти или врвци во различни бои, салфетки во боја, самолеплива хартија, фломастер, лепило и памук.

Исечете дел од картонската кутија за да можете во него да поставите едно јајце. Направете три дупки на еднакво растојание и низ нив протнете три ленти, кои ќе ги врзете на двата краја. Секое јајце до половина замотајте го во салфетка и залепете ја. Од самолепливата хартија исечете бели крукчиња (очи) и жолти триаголници (клунови). Со фломастерот нацртајте црни точки на очите. На горниот дел од јајцето, залепете малку памук во улога на коса.

Земете гранка од дрво и поставете ја во голема вазна. На неа обесете ги „гнездата со пилиња“.

Како да испразните јајце

Внимателно измијте го јајцето. На горната и долната страна дупнете мали дупки. Застанете над длабока чинија и со помош на чепкалка за заби пробајте да ја дупнете жолчката.

Потоа дувнете силно во горната дупка. Јајцето ќе истече во садот.

Измијте ја внатрешноста на јајцето со вода во која има растворено сапун. Искористете ја вашата фантазија или погоре дадените примери и создајте свои мали уметнички дела.

Внимание! Ако за декорирање на јајцата користите лепило, најдобро е да употребувате празни јајца кои ќе ви служат само како украси. Лепилото е штетно ако пробие внатре во јајцето.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19740 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.