Рак (21. VI – 22. VII)
Недела, 09 Март 2025
Оваа недела нема да има замор – само смеа, забава и дружби! Буквално ќе бидете незапирливи и што и да наумите, ќе го исполните. Не се изненадувајте ако на крајот од денот сфатите дека не сте седнале ниту една минута.
Некои ракови ќе се сретнат со личност од нивното минато која ќе им каже интересни информации.
Март, 2025
Љубов
Март ќе биде месец на страст, мистерија и љубовни пресврти. Очекувајте заводливи игри, неочекувани признанија и срце што ќе чука побрзо секогаш кога ќе помислите на една конкретна личност.
Венера, заводливата планета на љубовта и страста, ќе биде ретроградна во овен од 2 до 27 март, активирајќи ја вашата 10-та куќа на статусот и јавниот имиџ. Ќе се запрашате – дали љубовта што ја имате е онаа за која сонувате? Или можеби криете желба за некој што не е баш „прикладен“ според вашите стандарди? Ова е време на тајни погледи во ходниците и возбудливи средби со луѓе што ги гледате секојдневно, но никогаш не сте си дозволиле да ги посакате во љубовен контекст.
На 3 март Меркур влегува во овен, ослободувајќи го вашиот јазик и правејќи ве бескрајно шармантни. Ќе знаете точно што да кажете, кога да го кажете и како да ја засилите хемијата со некој што ве гледа со восхит. Вашата привлечност ќе биде магнетска, вашите зборови – како нежен ветер што милува нечии мисли и остава желба за повеќе. Но внимавајте, бидејќи на 15 март, откако Меркур ќе стане ретрограден, можни се забуни – може да испратите порака што не е наменета за таа личност, или пак, вашите зборови да бидат протолкувани како нешто повеќе отколку што сте мислеле.
Полната месечина во девица на 14 март ќе биде придружена со тотална лунарна еклипса во вашата 3-та куќа на комуникација. Може да се случи да изговорите нешто што долго време го чувате во себе – признание што ќе ја промени динамиката меѓу вас и личност што веќе има свое место во вашите мисли. Ако сте во врска, ова ќе биде момент кога или ќе се продлабочи интимноста, или ќе сфатите дека нешто недостасува. А ако сте слободни? Очекувајте дека некој ќе ви признае нешто што ќе ви го забрза срцето.
На 20 март Сонцето влегува во овен, носејќи експлозивна енергија во вашиот љубовен живот. Ќе зрачите со сензуалност и шармантна дрскост, привлекувајќи погледи и додворувања каде и да се појавите. Ќе бидете храбри, ќе барате интензитет, ќе посакувате љубов што гори и не признава пречки. Можно е да влезете во љубовна игра со личност која е ваша тотална спротивност, но токму таа хемија ќе ве остави без здив.
На 27 март Венера со ретроградно движење влегува во риби, внесувајќи длабоки емоции и носталгични мисли во вашата 9-та куќа на авантурите. Можно е да почнете да размислувате за љубов што некогаш сте ја пропуштиле – дали тоа е некој што живее далеку? Или можеби личност со која некогаш сте имале краток, но огнен момент што оставил неизбришлива трага во вашето срце?
На 29 март младата месечина во овен, заедно со делумната соларна еклипса, носи нов почеток во љубовта. Ова е момент кога може да донесете неочекувана одлука – можеби ќе се препуштите на љубов што долго време сте ја потиснувале, можеби ќе кажете „да“ на некого што храбро ви се доближува, или пак, ќе одлучите дека е време за целосен рестарт.
На 30 март кога Нептун влегува во овен, љубовните граници ќе се стопат. Ова е период кога реалноста и фантазијата ќе се спојат во нешто неодоливо – романси што се случуваат под ѕвездите, бакнежи што оставаат траги во мислите, допири што остануваат на кожата долго откако ќе завршат. Ќе почнете да барате љубов што ја разгорува вашата душа, а не само вашето тело.
Пари и работа
Март ќе биде месец на професионални предизвици, но и можности за раковите. Престојот на Сонцето во риби до 20 март ќе ја активира вашата 9-та куќа на едукацијата, патувањата и експанзијата, што значи дека ќе бидете инспирирани да размислувате за нови можности, било преку учење, нови проекти или соработка со луѓе од други култури.
Ретроградната Венера од 2 до 27 март ќе отвори прашања околу вашата репутација и начинот на кој се презентирате во професионалниот свет. Можно е да чувствувате потреба да го преиспитате вашиот имиџ или да размислувате за промени во кариерата.
Меркур во овен од 3 март ќе донесе фантастични прилики за деловни разговори, но бидејќи станува ретрограден на 15 март, бидете внимателни со договори, нови работни ангажмани и важни одлуки.
Полната месечина и лунарната еклипса во девица на 14 март ќе донесат информации што ќе ви помогнат да решите важен деловен проблем. Ако сте чекале одговор за некој проект или работа, на овој ден ќе чуете важна вест.
Сонцето во овен од 20 март ќе ви даде дополнителен енергетски поттик за работа, но исто така може да создаде тензија со надредените. Бидете внимателни со зборовите и обидете се да бидете дипломатски.
На 29 март младата месечина и соларната еклипса во овен ќе донесат можност за нов професионален почеток. Ова е одлично време за носење одлуки поврзани со кариерата.
Со влегувањето на Нептун во овен на 30 март, вашата кариера може да земе нов правец поврзан со инспиративни или креативни проекти.
Здравје
Март ќе биде важен месец за физичкото и менталното здравје на раковите. Венера ретроградна во овен од 2 до 27 март ќе ве поттикне да размислувате за рамнотежата помеѓу работата и одморот.
Престојот на Меркур во овен може да предизвика ментален замор во првата половина на месецот, а откако Меркур ќе стане ретрограден на 15 март, може да почувствувате зголемен стрес.
Полната месечина во девица на 14 март ќе ви помогне да направите промени во рутините што можат позитивно да влијаат на вашето здравје.
На 27 март Венера со ретроградно движење се враќа во риби, што може да ви донесе зголемена чувствителност и потреба за емоционално олеснување.
На 29 март младата месечина и соларната еклипса во овен ќе донесат шанса за нов почеток во здравствените навики.
2025 година
Љубов
2025 година ќе биде вистинска љубовна приказна за раковите, исполнета со страст, романтични моменти и неочекувани пресврти. Под влијанието на Венера, Марс и еклипсите, ќе се разбудат најдлабоките чувства, носејќи ви нови почетоци, интензивни врски и мигови кои ќе ја распламтат искрата на љубовта.
На самиот почеток на годината, Венера ќе влезе во риби на 3 јануари и ќе ја активира вашата 9-та куќа на авантурите и патувањата. Раковите кои се во врска ќе почувствуваат желба да избегаат од рутините и да организираат романтично патување. Замислете прошетки под ѕвездите и страсни бакнежи на далечни дестинации кои го полнат срцето со љубов, а телото со страст. За слободните ракови, љубовта ќе дојде со личност која ќе ги рашири вашите хоризонти и ќе ви покаже сосема нов свет.
На 4 февруари Венера ќе премине во вашата 10-та куќа на статусот. Ако сте во врска, партнерот ќе ве изненади со неочекувани гестови кои ќе покажат дека се гордее што ве има покрај себе. Ова е период кога вашата харизма ќе блесне. Ако сте сингл, ќе привлекувате внимание каде и да одите и нема да изостанат страсните флертувачки погледи.
Ретроградната Венера во овен од 2 до 27 март ќе ве врати кон старите љубовни приказни. Среќавањето со поранешен партнер може да предизвика мешавина од носталгија и нова страст. Ова е период за страсни разговори, долги бакнежи кои зборуваат повеќе од зборовите и моменти исполнети со еротска тензија. Ќе треба да одлучите дали оваа љубовна приказна заслужува нова шанса или е време да продолжите понатаму.
Соларната еклипса на 29 март во овен ќе внесе нова динамика во врските. Ќе почувствувате дека е време да ги дефинирате вашите љубовни граници и да вложите во однос кој носи стабилност, но и возбуда. За многу ракови овој ден ќе донесе нова врска, вселување со партнерот под ист покрив, свршувачка или брак.
Полната месечина на 12 мај ќе ја осветли вашата 5-та куќа на романтиката. Ова е ден на страсни ноќи, долги бакнежи и моменти кога изгледа како времето да запрело. Ако сте во врска, ова е идеален момент за зацврстување на вашиот однос преку емоционална и физичка интимност. За слободните ракови, ова е време кога љубовта ќе биде спонтана и незаборавна.
Марс влегува во девица на 17 јуни, активирајќи ја вашата 3-та куќа на комуникацијата. Љубовта станува поле за игра и експериментирање. Ќе бидете инспирирани да изразувате нежност преку зборови, но и преку допири кои ја засилуваат страста. Раковите што се во врска може да откријат нови начини да ја разбудат искрата, преку заеднички авантури и интимни вечери.
Откако Венера ќе влезе во вашиот знак на 31 јули, љубовниот живот ќе ви зрачи со емоционална топлина. Ова е период за градење блискост, кога секој допир ќе има значење, а секој бакнеж ќе зборува за љубовта што ја чувствувате. Ќе сакате да го заштитите и разгалите партнерот, внесувајќи нежност во секој момент.
Во септември, делумното затемнување на Сонцето во девица ќе ја активира вашата 3-та куќа и ќе донесе важни разговори и одлуки. Ќе се почувствувате подготвени да ги изразите вашите најдлабоки емоции, а тоа ќе доведе до поголемо зближување и разбирање со саканиот. Раковите кои се во врска ќе користат мали гестови за го потсетат саканиот колку им значи.
Движењето на Марс низ шкорпија од 22 септември ќе ви донесе интензивна страст. Вашата 5-та куќа на романтиката и забавата ќе блесне, носејќи ви моменти кои ќе ви го растреперат срцето, но и душата. Оние што се во врска ќе почувствуваат длабока поврзаност со партнерот. Ова е време за искрено споделување на вашите најдлабоки желби и тајни, како и за страсни ноќи кои ќе останат засекогаш во вашите спомени.
За слободните ракови, периодот од 22 септември до 4 ноември ќе донесе нови познанства кои ќе бидат наелектризирани со „хемија“. Можно е да запознаете личност која ќе ја разбуди вашата сензуалност и ќе ја внесе мистеријата на љубовта во вашиот живот. Оваа енергија ќе ве охрабри да се препуштите на своите емоции и да ризикувате за љубов која ветува длабока страст и поврзување на ново енергетско ниво.
Венера во шкорпија од 6 ноември ќе ја разбуди вашата страст и ќе ви ја потенцира магнетската привлечност. Периодот од 6 до 30 ноември е за еротски игри, притаени бакнежи и долги ноќи полни со возбуда. Вашата 5-та куќа ќе биде осветлена, носејќи моменти кои ќе ја разгорат љубовта до нејзиниот максимум. Партнерот ќе биде фасциниран од вашата интензивна и магнетска енергија.
Кон крајот на годината, поточно од 30 ноември до 24 декември, Венера ќе ја активира вашата 6-та куќа, носејќи љубов во секојдневните моменти. Љубовниот живот станува едноставен, радосен и исполнет со заеднички планови. Секојдневните гестови, како утринско кафе заедно или долги ноќни прошетки, ќе создадат длабока конекција.
Со влегувањето на Марс во јарец на 15 декември, вашата 7-ма куќа на партнерствата ќе стане центар на љубовните случувања. Ќе почувствувате силна потреба за стабилност и сигурност. Љубовта ќе добие сериозен тон, а оние што се во врска ќе започнат да размислуваат за долгорочни планови, како заедничко живеење, веридба или брак. Не сте во врска? Марс во јарец носи огромни шанси за почеток на романтичен сојуз со потенцијал да трае засекогаш. Можно е да запознаете лице кое носи стабилност и зрелост во љубовта, некој кој е подготвен да вложи време и енергија за да ја изгради врската.
2025-та ќе ве научи дека љубовта е мешавина од страст и одговорност. Ќе почувствувате дека вистинската љубов е онаа која ги опфаќа и трепетите на срцето и стабилноста на секојдневниот живот. Љубовта оваа година ќе ве трансформира и ќе ви покаже дека вреди да се борите за она што го сакате. Ќе ја завршите годината со љубов која е подготвена за иднината – силна, длабока и вистинска.
Пари и кариера
2025 година ќе биде година на финансиски можности, професионален раст и стабилност за раковите. Движењата на планетите ќе ве поттикнат да се фокусирате на долгорочните цели и да ги искористите вашите природни таленти за заработка и напредок. Под влијание на Јупитер, Марс и Сатурн, ќе бидете охрабрени да преземете иницијатива и да вложите напор во создавањето финансиска и професионална сигурност.
На почетокот на годината, под влијание на ретроградното движење на Марс во вашиот знак од 6 јануари, ќе почувствувате потреба да ги преиспитате вашите професионални цели и да ги завршите сите заостанати обврски. Иако овој период бара трпение, ќе ве подготви за големиот напредок што ви претстои. Избегнувајте импулсивни финансиски одлуки во јануари и фокусирајте се на дефинирање на реално остварливи планови.
На 4 февруари, Јупитер ќе премине во директно движење во близнаци, активирајќи ја вашата 12-та куќа на скриените намери. Во периодот до 9 јуни, вашите тајни планови и идеи ќе почнат да стануваат реалност. Ако размислувате за нов проект или инвестирање во нешто долгорочно, ова е време за планирање. Ќе почувствувате наплив на креативна енергија, особено во полето на комуникацијата и технологијата.
Соларната еклипса во овен на 29 март ќе ја осветли вашата 10-та куќа на кариерата и јавниот имиџ. Ова е еден од најзначајните моменти за професионалниот живот на раковите. Некои од вас може да добијат понуда за унапредување или работа која носи поголема финансиска стабилност. Вашата амбициозност ќе блесне, а претпоставените ќе увидат колку многу вредите.
На 17 јуни Марс влегува во девица, активирајќи ја вашата 3-та куќа на комуникацијата и деловните патувања. Ќе бидете инспирирани да ги проширите вашите професионални контакти и да се вклучите во проекти што носат големи финансиски напливи. Ако работата ви е поврзана со продажба, маркетинг или пишување, овој период ќе биде особено продуктивен, носејќи ви солидно зголемување на приходите.
На 9 јуни Јупитер, планетата на богатството и среќата, ќе започне да патува низ вашиот знак, носејќи енергија за личен раст и заработка. Ќе се чувствувате самоуверено и подготвено да ги искористите сите можности што ви се нудат. Ова е идеален период за започнување нов бизнис, побарување на покачување на платата или преговарање за подобри услови на работа. Вашата харизма и мотивација ќе бидат клучни за постигнување на успех.
Полната месечина во шкорпија на 12 мај ќе ја активира вашата 5-та куќа на креативноста. Ова е време кога вашите таленти ќе дојдат до израз. Ќе добиете финансиска награда или признание за вложениот труд. Некои ракови ќе успеат да ги претворат своите хобија или страсти во извор на приходи.
На 21 септември соларната еклипса ќе ја акцентира вашата 3-та куќа, носејќи нови деловни можности. Ова е време за преговори, договори и учество во проекти што носат долгорочен финансиски успех. Ако барате нова работа, ова е идеален ден за интервјуа и преговарање за идеални услови.
Со Венера во стрелец, од 30 ноември до 24 декември ќе биде активирана вашата 6-та куќа на рутините и работните обврски. Ова ќе донесе подобрување на работната атмосфера и можност за покачување на платата. Вашиот труд и посветеност ќе бидат наградени, што ќе ве мотивира да продолжите со екстра посветеност.
Декември ќе биде период кога ќе ги видите резултатите од вашиот труд. Може да добиете бонус, награда или изненадувачки прилив на пари кој ќе ви помогне да ги исполните зацртаните цели.
Здравје
2025-та ќе биде година кога раковите ќе треба да се фокусираат на комплетна грижа за себе, комбинирајќи физичка активност, правилна исхрана и техники за ментална стабилност. Ќе имате можности да ги подобрите вашите навики и да се ослободите од токсични емоции, рутини и лица од вашето опкружување.
На почетокот на годината, ретроградното движење на Марс во рак од 6 јануари ќе ве поттикне да се соочите со физичките и менталните предизвици. Ќе почувствувате намалување на енергијата, што ќе ве натера да размислите за вашата исхрана и квалитетот на спиењето. Ова е идеален период да воведете нови навики, како зголемување на внесот на здрави намирници и воведување релаксациски техники, како медитација или јога.
Полната месечина во шкорпија на 12 мај ќе ве поттикне да се ослободите од токсичните навики. Ако имате проблем со стрес, овој период ќе биде идеален за воведување техники за намалување на анксиозноста. Длабоките разговори со блиски луѓе или терапевт ќе ви помогнат да се ослободите од емоционалниот товар.
Со влегувањето на Марс во девица на 17 јуни, ќе биде активирана вашата 3-та куќа на комуникацијата и кратките патувања. Ќе бидете инспирирани да се движите повеќе, било да е тоа преку пешачење, возење велосипед или други активности на отворено. Ќе откриете дека движењето не само што го зајакнува вашето тело, туку и го разбиструва умот.
Влегувањето на Јупитер во рак од 9 јуни, ќе донесе наплив на енергија и виталност. Ова е време кога ќе се чувствувате инспирирано да се грижите за своето тело и да воведете здрави рутини. Ќе ве привлекуваат активности како пливање, танцување или други спортови што ја комбинираат физичката активност со позитивни емоции и радост. Вашата енергија ќе биде заразна и ќе ги мотивира и другите околу вас.
На 21 септември, со соларната еклипса во девица, ќе бидете мотивирани да започнете диета или вежби кои носат долгорочна корист за вашето тело. Ова е одличен ден за превентивни прегледи и грижа за менталното здравје.
Венера со своето патување во стрелец од 30 ноември до 24 декември ќе внесе радост и опуштеност во вашето секојдневие. Ќе се чувствувате мотивирано да го завршите годишниот циклус со леснотија и хармонија. Ќе ве привлечат активности кои ви носат среќа и релаксација, како масажи, топли бањи или спа третмани.
На 15 декември Марс ќе влезе во јарец и ќе ја активира вашата 7-ма куќа на партнерствата. Ќе бидете поттикнати да размислите за тоа како односите со другите влијаат на вашето здравје. Ќе почувствувате потреба за емоционална стабилност, што ќе ве мотивира да се опкружите со луѓе кои ви носат мир.
Општи карактеристики за рак
Ракот е управуван од постојано променливата Месечина, која што поминува низ многу циклуси и со тоа го прави расположението на ракот многу променливо. Исто како ракот и родените во овој знак најголемиот дел од својот живот го поминуваат скриени под една черупка, која не може лесно да биде скршена.
Ако вашиот знак е рак, тогаш вие сте изолирани од опасностите, но тоа многу често ве прави луѓе без чувство за хумор. Како воден знак вие сте многу чувствителни. Во секоја ситуација внесувате многу емоции, но во текот на вашиот живот сфаќате дека многу лесно можете да бидете повредени и поради тоа често се криете зад маската на бесчувствителноста.
Традиционалисти сте и покажувате огромен интерес кон вашите корени и вашите предци. Вие сте многу поголеми националисти од другите знаци во хороскопот, поради тоа што го сакате вашето родно место и сте силно приврзани за него. Најважната ваша цел е да создадете ваше семејство и обожавате да бидете во домашна атмосфера.
Ракот е спротивен знак на Јарец. Јарците ги интересира каква е нивната положба во општеството и како другите гледаат на нив, додека ракот е загрижен само за неговото семејство. Како рак, вие знаете да штипнете кога ќе почувствувате дека вашето семејство е понижувано или е во опасност. Раковите се блиски со своите мајки, па кога ќе сте во лошо расположение јавете ѝ се на вашата мајка. Тоа ќе ве направи среќни.
Вие можеби сте неофицијална мајка на сите кои ги сакате, поради вашата грижа за нив. Чувствителни сте и лојални и вашите пријатели секогаш имаат рамо за плачење. Лесно ранливи сте и кога не сте расположени сакате да бидете оставени сами, опкружени со удобност: удобен џемпер, омилена книга, доверливи пријатели и склад со вашите омилени работи. Тоа го подобрува вашето расположение.
Во љубовната врска сте многу нежни, верни и романтични. Поради влијанието на Месечината вие сте многу интуитивни. Обрнете им повеќе внимание на вашите соништа особено во деновите кога има полна Месечина.
Симбол:
Рак
Симболизира:
Мајчинство и мајчинска љубов, семејство, дом, жена, чувства, родина, реки.
Елемент:
Вода
Планета:
Месечина - божествено тело на расположението и емоциите. Месечината симболизира женственост, семејство, мајка, емоции и потекло.
Ден од седмицата:
Понеделник
Боја:
Бела, сива и виолетова.
Број:
2
Скапоцени камења:
Сребро и перли.
Најдобри професии:
Пејачи, артисти, поети, готвачи, географи, картографи, акушерки, педијатри, социолози.
За да се спријателите со нив:
Секогаш однесувајте се кон нив со почит. Направете да стекнат доверба и сигурност во вас. Пробајте да им го разберете начинот на мислење.
Дел од телото:
Гради, стомак.
Добри карактеристики:
Мајчински загрижени, трпеливи, готови да помогнат, гостопримливи, штедливи, чувствителни, патриоти, весели и неверојатно забавни, грижливи, романтични, креативни.
Лоши карактеристики:
Озборувачи, изолирани, некомуникативни, хиперсензитивни, премногу компетитивни, премногу емоционални, мрзливи, слаби, љубоморни.
Карактеристики по кои ќе ги познаете:
Чекорејќи со градите напред; тркалезно како месечината лице.
Омилени работи:
Гурманска храна, работа со деца, музеи и ликовни галерии.
Работи кои ги мразат:
Стари алишта, замрзнати јадења, јавно говорење, да бидат избрзувани.
Можете да ги најдете:
Купувајќи стари и ретки антиквитети; создавајќи ремек дело; во кујната; слушајќи бендови во живо.
Скриена желба:
Да се грижат за своето семејство и пријателите!