Овен (21. III – 19. IV)

Вторник, 15 Април 2025

Денешниот ден може да ви изгледа како уште „обичен работен ден“, ама кога ѕвездите ќе наумат да ве усреќат, ништо не е обично. Денес љубовта ќе ја пронајдете во ходниците на работното место, а можностите за напредок ќе бидат насекаде.

Дали ќе дозволите магијата да биде дел од вашиот работен ден или не, зависи само од вас. Запомнете дека не мора секогаш да сте толку сериозни.

Април, 2025

Љубов

Април започнува со тивко пулсирање на скриени чувства – Венера сè уште е ретроградна во риби до 13 април и носи тајни копнежи, несудени средби и сеќавања кои го распалуваат срцето. Љубовта тивко тлее зад завесата. Можеби станува збор за некој за кого премолчено имате силни чувства, некој што ви шепоти во соништата или некој кој ве потсетува колку страста може да биде прикриена, но силна.

И Меркур исто така ќе престојува во риби до 16 април, правејќи ве малку поинтровертни и внимателни со зборовите. Но, вашето тело ќе зборува јасно – со поглед што запира здив, со случајни допири кои предизвикуваат трепет. Не е исклучено и некое повторно поврзување со минатото, можеби токму таму каде што останала незавршена љубовна приказна.

Полната месечина во вага на 13 април го осветлува вашето поле на партнерствата, носејќи кулминација на чувства – страст што еруптира и љубов што не може да се скрие. Ќе се чувствувате како на сцена на романтичен филм со бакнеж што го менува текот на денот, со прегратка која ви го топи секој отпор... Ова е време за интимност – вистинска, сурова и исполнувачка.

Со Меркур во вашиот знак од 16 април, повторно ќе го имате шармот што заведува без збор. Ќе зрачите со самодоверба, а секоја порака или секој флерт, ќе резултираат со успешно заведување. Ќе освојувате со леснотија, ќе оставате без зборови и ќе будите желба за блискост кај сите што ќе имаат среќа да ве погледнат.

На 18 април Марс, вашата планета-владетел, влегува во лав, активирајќи ја вашата 5-та куќа на страста, флертот и уживањето. Ќе бидете магнет за авантури, додворувања и искуства што ќе ве исполнат со животна енергија. Љубовта ве повикува да играте, да ризикувате и без страв да го следите ритамот на срцето.

Сонцето на 19 април преминува во бик, ставајќи акцент на сензуалноста. Ќе посакувате повеќе физичка поврзаност, допири, страст што се изразува преку телото. Вашите сетила ќе бараат длабочина и задоволство, а вие ќе знаете точно како да го добиете тоа.

Младата месечина во бик на 27 април носи нови почетоци во љубовта – можеби нова врска, можеби нова интимна динамика со сегашниот партнер. Ќе чувствувате копнеж да изградите нешто стабилно, но еротично и живо. Ќе создавате интимна оаза каде што љубовта не е само емоција, туку начин на живеење.

На самиот крај на месецот, поточно на 30 април, Венера ќе влезе во вашиот знак и ќе ве претвори во вистински заводнички. Ќе ве гледаат, ќе ве сакаат, ќе ве посакуваат. Ќе зрачите со шарм, ќе мамите воздишки и ќе уживате во вниманието. Ќе се чувствувате како кралеви и кралици на страста – со тајни обожаватели, нови искушенија и љубов што го мами и телото и душата.

Април е месец кога љубовта не се крие, туку таа ќе свети преку вас. Подгответе се за патување низ сензуалност, романса и незаборавни средби. Играјте, заведувајте, уживајте – срцата се ваши, драги овни.

Пари и работа

Сонцето ќе патува во вашиот знак до 19 април, па искористете ја оваа енергија за лични иницијативи и зацврстување на вашиот личен бренд. Сепак, почетокот на месецот може да донесе одредени предизвици. Имено, ретроградниот Меркур до 7 април може да предизвика конфузија или одложувања во проекти кои се одвиваат зад сцената или бараат интуитивен пристап. Избегнувајте донесување конечни одлуки или потпишување важни договори во првата седмица од месецов.

И Венера е ретроградна до 13 април, што може да влијае на вашата способност да ги препознаете сопствените вредности или да предизвика несигурност околу вашите таленти. Можеби ќе треба да преиспитате како ги користите вашите ресурси, вклучувајќи го и времето и енергијата, и дали сте доволно платени за вашата работа.

Полната месечина во вага на 13 април ја осветлува вашата 7-ма куќа на партнерствата и договорите. Ова може да биде клучен момент за бизнис соработки, преговори или правни прашања. Може да дојде до кулминација на некои преговори или потреба да се постигне компромис.

Откако Меркур ќе премине во директно движење на 7 април и Венера на 13-ти, маглата почнува да се расчистува. Комуникацијата станува појасна, а вашата самодоверба ќе се врати со полна сила. Втората половина на месецот е подобро време за финализирање планови и за придвижување напред со проекти кои стагнираа. Интуицијата ќе ви стане сигурен водич.

На 16 април Меркур влегува во вашиот знак. Вашата способност да комуницирате директно, да ги презентирате вашите идеи и да преземете водство е засилена. Искористете го ова за да ги промовирате вашите проекти, да преговарате или да започнете нови иницијативи.

Голем поттик за креативни проекти и претприемачки потфати доаѓа на 18 април со влегувањето на Марс во лав. Ова е време кога вашата желба за признание и успех е силна. Преземете смели чекори, покажете ги вашите таленти и не плашете се да бидете во центарот на вниманието. Ова може да биде многу плоден период за уметниците, изведувачите и лидерите.

Преминот на Сонцето во бик на 19 април го префрла фокусот кон вашата втора куќа на парите, имотот и вредностите. Приоритет ќе ви биде финансиската сигурност. Ова е одличен период за ревизија на буџетот, барање на покачување, развивање нови извори на приход или инвестирање.

Младата месечина во бик на 27 април (која ќе биде супермесечина) е исклучително моќен момент за поставување на финансиски цели. Размислете како можете да изградите поголема стабилност. Дали сакате да заштедите за нешто големо? Да го зголемите вашиот приход? Поставете конкретни, остварливи намери сега. Бидејќи ова е и куќа на самопочитта, размислете дали вашата работа и приходите ја одразуваат вашата вистинска вредност.

Венера, планетата на парите и вредностите, влегува во вашиот знак на 30 април. Ова може да донесе можности да привлечете ресурси преку вашиот шарм и самодовербата и е одличен ден за да побарате покачување или да преговарате за подобри услови на работното место.

Здравје

Април започнува со потреба за одмор и интроспекција, но завршува со обновен бран на енергија, страст и фокус на практичните аспекти на здравјето и благосостојбата.

На почетокот на месецот, ретроградноста на Меркур и Венера во вашата 12-та куќа на потсвеста и одморот може да донесе чувство на замор, збунетост или емоционална исцрпеност. Слушајте го вашето тело и дајте си дозвола да забавите. Медитацијата, јогата или едноставно поминување повеќе време во тишина може да бидат многу корисни.

Ова е исто така период кога може да излезат на површина стари здравствени проблеми или скриена анксиозност. Не ги игнорирајте овие сигнали. Ретроградноста е можност да се соочите со коренот на проблемот, можеби преку терапија или други методи за лекување на потсвеста. Грижата за менталното здравје е исто толку важна колку и за физичкото.

Полната месечина на 13 април ја осветлува вашата 7-ма куќа, која владее со бубрезите и долниот дел на грбот, а исто така ја нагласува важноста на балансот. Обрнете внимание на овие делови од телото. Дали пиете доволно вода? Дали наоѓате рамнотежа помеѓу работата и одморот, активноста и релаксацијата? Оваа полна месечина ве поттикнува да најдете поголема хармонија во вашиот животен стил.

Откако Меркур и Венера ќе преминат во директно движење на 7-ми и 13 април, ќе почувствувате како ви се враќа менталната бистрина и физичката енергија. Можеби ќе бидете мотивирани да се вратите на редовното вежбање или да ги решите здравствените прашања што сте ги одложувале.

Венера во вашиот знак од 30 април ќе ја засилува вашата желба да изгледате и да се чувствувате одлично. Ова е одличен поттик да се грижите за себе, да уживате во третмани за убавина или едноставно да издвоите време за активности кои ја зголемуваат вашата самодоверба и виталноста.

2025 година

Љубов

2025 година ќе биде година на трансформации, храбри одлуки и длабоки врски. Ѕвездите ве поттикнуваат да бидете искрени со себе и со партнерот, носејќи нова искра во постоечките односи и отворајќи врати за нови љубови. Ретроградните движење ќе ве натераат да се соочите со стари љубовни приказни и да го расчистите минатото, додека еклипсите ќе ве водат кон нови почетоци полни со страст и авантура. Со Венера и Сатурн, кои играат значајна улога оваа година, љубовниот живот ќе бара комбинација од посветеност и слобода, создавајќи цврста основа за врски кои се стабилни, но и возбудливи.

Почетокот на годината за овните ќе носи интензивна внатрешна рефлексија и ќе ги извади емотивните теми на површина. Поради ретроградниот Марс во рак, сè до 24 февруари ќе се чувствувате како да балансирате на тенка линија меѓу вашите лични потреби и очекувањата на најблиските. Ова движење на вашата планета-владетел ќе се фокусира на вашата 4-та куќа на домот и семејството, па оние што се во врска ќе мора да се соочат со стари прашања за живеалиштето, плановите за заедничка иднина или недоразбирања кои веќе подолго време тлеат. Овните кои се сингл ќе почувствуваат носталгија за минатото и личностите кои некогаш им значеле многу, но истовремено ќе сфатат дека треба да се ослободат од некои спомени за да направат простор за нови врски.

Кога Венера на 4 февруари ќе влезе во вашиот знак, сè ќе се промени. Ќе почувствувате како самодовербата ви се враќа со полна сила, а шармот ќе ви биде на максимум. Каде и да се појавите, ќе оставате силен впечаток, а можностите за нови познанства и љубовни искуства ќе се појавуваат од сите страни. Ова е идеален период да ризикувате, да ги изразите вашите чувства и да се препуштите на врски исполнети со возбуда. Доколку сте во врска, вашата страст ќе се разбуди со полна сила, а партнерот ќе го доживее тој ентузијазам како посакувана ренесанса во односите.

Со Нептун во Овен на 30 март, ќе бидете романтични како никогаш досега, но внимавајте да не дозволите идеализам да ве одведе на погрешен пат. Оваа енергија ќе ве поттикне да ја пронајдете љубовта што ја посакувате, но ќе треба да останете реални и свесни за вашите граници.

Со полната месечина на 12 април во вага, вашата 7-ма куќа на партнерствата, љубовните односи ќе достигнат критична точка. Ќе се најдете во ситуација да преиспитувате каде стоите во врската и дали вашите потреби се исполнети. Потребата за компромис ќе биде клучна, но нема да дозволите да се жртвувате повеќе отколку што е потребно. Ова е вистински момент за сериозни разговори со партнерот, но и за јасно дефинирање на границите. Овните со статус сингл може да привлечат личност која ќе ги предизвика да размислат за долгорочна врска, нешто што можеби не го планирале, а ќе биде вистинско изненадување.

На 29 март ќе настапи млада месечина во вашиот знак, а ќе има и делумно затемнување на Сонцето, што значи да очекувате пресврт во љубовниот живот. Ова ќе биде момент кога ќе ја имате целата моќ во ваши раце. Ќе се ослободите од старите несигурности и ќе ги „држите конците“ кога станува збор за љубовта. Ако сте во врска, или ќе ги преземете неопходните чекори за да ја претворите врската во нераскинлив сојуз или ќе ставите крај да започнете ново поглавје. Ако сте сингл, нема да се плашите од иницијативи – една случајна средба или познанство може да се претвори во филмска љубов што ќе ви го промени животот.

За време на полната месечина на 12 мај, емоциите ќе ви бидат супер интензивни, а потребата да ги продлабочите врските ќе биде огромна. Ќе чувствувате дека не можете да продолжите ако не ги расчистите сите скриени прашања што ви тежат на срцето. Можно е да откриете нешто ново за партнерот. За некои овни, ова ќе биде период кога ќе мора да одлучат дали врската вреди да се спаси или е подобро да се ослободат од неа.

Со Венера во рак од 31 јули, ќе почувствувате поголема поврзаност со партнерот и ќе бидете повеќе фокусирани на заедничкиот живот и домот. Оваа енергија во вашата 4-та куќа ќе ве поттикне да внесете хармонија во љубовниот живот преку мали гестови кои покажуваат грижа и внимание. Овните со статус сингл ќе сретнат личност која ќе ги фасцинира со емпатијата, топлината и посветеноста на фамилијата. Во периодот до од 31 јули до 25 август многу овни ќе стапат во брак, ќе прослават за свршувачка или ќе се израдуваат на вест за бременост.

Меркур ќе се движи ретроградно во лав од 18 јули до 11 август и може да предизвика љубовни недоразбирања и конфликти. Ќе ви биде потребно многу трпение за да не дозволите да настане траен белег во односите со саканиот. Внимавајте на своите зборови и избегнувајте импулсивни реакции кои можат да направат повеќе штета отколку корист. Овој период е идеален да ги преиспитате вашите приоритети и да се фокусирате на тоа како сакате да изгледа вашиот љубовен живот.

На 7 септември полната месечина во риби доаѓа заедно со целосно затемнување на Месечината, помагајќи ви да се ослободите од минатото и да ги исцелите старите емоционални рани. Оваа енергија ќе биде моќна и трансформативна, особено за оние кои носат товар од претходни врски. Еклипсата ќе ви помогне да прифатите дека некои љубовни приказни треба да останат зад вас за да продолжите кон поубава иднина.

Крајот на годината ќе донесе нова возбуда со Венера во стрелец од 30 ноември. Ќе ја активирате вашата 9-та куќа на авантурите и патувањата, внесувајќи динамика и нови искуства во љубовниот живот. Многу овни ќе ја „освежат“ љубовната искра преку патувања или заеднички проекти. Сингл сте? Крајот на 2025 година ќе ви донесе во животот некој кој ќе ви покаже дека адреналинот делува како афродизијак и со кој секоја помината минута е возбудлива.

Пари и кариера

2025 година ќе биде период на значајни промени и можности за овните во професионалниот свет.

Почетокот на годината веројатно ќе биде монотон поради ретроградниот Марс во рак. До 24 февруари можно е да се соочите со предизвици при донесувањето одлуки за нови проекти, па ќе биде потребно да ги преиспитате вашите стратегии и да избегнувате импулсивни потези.

Откако Јупитер ќе премине во директно движење во близнаци на 4 февруари, вашата 3-та куќа на комуникацијата ќе блесне во полн сјај. Ова ќе ви донесе можности за нови соработки, преговори и договори што ќе го подобрат вашиот професионален статус. Ќе имате шанса да се истакнете во пишување, говорење или работа со медиуми, па искористете го вашиот интелектуален потенцијал за брз напредок.

Делумното затемнување на Сонцето на 29 март ќе резултира со пресвртница во вашиот професионален живот, поттикнувајќи ве да преземете одговорност и иницијатива за сопствената кариера. Можно е да добиете понуда за лидерска позиција или да започнете проект кој ќе има долгорочен успех.

Марс во лав од 18 април до 17 јуни ќе ја раздвижи вашата петта куќа на креативноста и ризикот. Ова планетарно движење ќе ве поттикне да покажете смелост во бизнис преговорите, да промовирате нови проекти и да се издвоите од конкуренцијата.

Со Сатурн во вашиот знак од 24 мај, ќе се соочите со потребата за посериозен пристап кон вашите цели. Ќе чувствувате притисок да вложите повеќе труд и да бидете подисциплинирани, но наградите што ќе дојдат ќе покажат дека навистина вредело сето тоа. Ќе ги удрите темелите на цврста основа за иднината, и кога станува збор за професионални успеси и кога се работи за финансиска стабилност.

Од 9 јуни Јупитер, планетата на среќата и богатството, ќе „танцува“ во вашата 4-та куќа на домот и стабилноста. Ова може да донесе можности за заработка преку недвижности или семеен бизнис. Ќе почувствувате поголема сигурност во финансискиот аспект, особено ако внимателно ги планирате инвестициите и буџетот.

Со Марс во девица од 17 јуни, вашата продуктивност ќе биде на највисоко ниво. Оваа поставеност во вашата 6-та куќа на рутините ќе ве поттикне да бидете ефикасни и да си ги подобрите работните навики. Средината на годината е идеална за завршување на големи проекти или за започнување на нови кои бараат внимание на деталите.

Полната месечина во јарец на 10 јули ќе ги истакне резултатите од вашите напори во првата половина на 2025 година. Вашата 10-та куќа на кариерата ќе блесне, па очекувајте признанија или унапредување. Гордејте се со постигнатото!

Венера од 30 ноември ќе престојува во стрелец, вашата 9-та куќа на визиите и образованието. Ова може да ве инспирира да се посветите на нови обуки или патувања поврзани со вашата кариера. Ќе ја завршите годината со чувство на исполнетост и обновена мотивација за идни деловни подвизи.

Здравје

Почетокот на годината може да биде напорен поради ретроградното движење на вашата планета-владетел Марс во рак до 24 февруари, кое ќе влијае на вашата енергија и ќе го нагласи стресот поврзан со семејството. Ова ќе биде време кога ќе треба да се грижите за дигестивниот систем и да избегнувате обилни оброци.

Со Нептун во овен од 30 март ќе мора да научите да ги разликувате реалните здравствени предизвици од претераната загриженост.

Марс ќе престојува во лав од 18 април до 17 јуни и ќе ви донесе нова енергија во телото и расположението. Петтата куќа симболизира радост и креативност, па во овој период, физичките активности како танц, спорт или рекреативни игри ќе ви помогнат да ја зголемите виталноста и да го разведрите расположението.

Откако Сатурн ќе влезе во овен на 25 мај, ќе ви се засили дисциплинираноста, без разлика дали тоа значи редовно вежбање, подобра исхрана или воведување на навики кои ја намалуваат анксиозноста.

Јупитер ќе престојува во близнаци до 9 јуни и ќе ве поттикне да се движите повеќе и да истражувате нови активности. Ќе чувствувате силна желба за акција, па ова е време да започнете со некој спорт или активности на отворено кои ќе ви помогнат да си го избистрите умот.

Со Венера во рак од 31 јули, ќе почувствувате потреба за емоционална стабилност и релаксација. Посветено ќе се грижите за вашиот ментален мир. Насочете се кон медитација, јога или техники за намалување на стресот.

Полната месечина во риби на 7 септември доаѓа со целосно затемнување на Месечината. Оваа еклипса ќе ве поттикне да обрнете внимание на сонот и менталното здравје. Ќе се потсетите дека квалитетниот одмор е неопходен за продуктивност и благосостојба.

Кон крајот на годината, со Меркур ретрограден од 9 ноември, ќе биде важно да не ги занемарувате превентивните прегледи. Овој период ќе ве потсети дека здравјето бара постојана грижа и внимание.

2025 година ќе биде година на освестување и подобрување на сите аспекти од вашето здравје, подготвувајќи ве за поенергична и хармонична иднина.

Општи карактеристики за овен

Овенот е управуван од Марс, црвената огнена планета, која е симбол на енергијата и виталноста. Во митологијата Марс е бог на војната и агресијата. Марс исто така го управува и знакот шкорпија, но овенот е војникот, а шкорпијата стратегот. Ако сте припадник на знакот овен, тогаш вие го поседувате натпреварувачкиот дух на митолошкиот владетел, кој ви помага по патот кон успехот. Секој проект под ваше раководство е успешен, но често знаете да бидете горделиви и нетолерантни. Сите тие ваши карактеристики ви помагаат да ги постигнете вашите цели.

Вие сте родени да бидете број еден. Сакате да демонстрирате сила, индивидуалност, сигурност и самоувереност. Вие сте пионерите на хороскопот и секогаш се насочувате кон освојување на нови хоризонти. Секогаш сте во центарот на вниманието и ги инспирирате луѓето со својата самодоверба.

Не сакате да бидете сами, многу често сте егоисти и барате големо внимание, а кога нема да го добиете веднаш надвладува лошото расположение. За среќа, ретко имате проблеми во привлекувањето на вниманието.

Во љубовните односи сте многу романтични. Умеете да уживате во секоја минута, страсни сте и никогаш не го разочарувате партнерот. Страв ви е од досадата и спремни сте да го оставите вашиот партнер, ако страста во вашата врска исчезне.

Како огнен знак вие сакате да одговарате на предизвиците со дела, а не емоционално или интелектуално. Најголемата ваша слабост е што многу често се откажувате пред самиот крај, особено кога сте избрзале и не сте размислиле пред да започнете.

Секогаш кога не можете да ги контролирате работите и вашиот живот станувате неподносливи. Понекогаш по малку се однесувате „шефовски“, особено кога работите не се одвиваат по ваша волја. Но, дозволете од време на време и некој друг да ја преземе водечката функција, во спротивно се оддалечувате од потенцијалните сојузници. Фокусирајте ја вашата натпреварувачка енергија кон цел достојна за еден лидер, делегирајте задачи на вашата војска и брзо ќе го достигнете врвот.

Симбол:
Овен

Симболизира:
Почеток, авторитет, насилство, амбиција, сексуална енергија, импулсивност, младост, мажественост.

Елемент:
Оган

Планета:
Марс - планетата на војната и енергијата.

Ден од седмицата:
Вторник

Боја:
Црвена

Број:
1, 7 и 9.

Скапоцени камења:
Рубин, дијамант, гранат, аметист.

Најдобри професии:
Војници, управници на фирми, лидери, спортисти, месари, инженери, производители на оружје, натпреварувачи со автомобили и сè што е поврзано со ризик и предизвици.

За да се спријателите со нив:
Не им се спротивставувајте. Пробајте да го следите нивниот ритам!

Дел од телото:
Глава, лице, горните заби.

Добри карактеристики:
Енергични и динамични, борбени, страсни, ентузијасти, оригинални, охрабрувачки и херојски настроени, незапирливи, посветени, грижливи, реагираат брзо, веруваат во своите способности и не се плашат од бариерите, имаат голема самодоверба и самодисциплина.

Лоши карактеристики:
Горди, егоцентрични, импулсивни, тврдоглави, невнимателни, љубоморни, непостојани, нетолерантни, агресивни, им недостигаат дипломатски способности.

Карактеристики по кои ќе ги познаете:
Високо чело; агресивно поведение.

Омилени работи:
Видео игри, нова облека, патувања во брзи коли, логички игри, да им се обрнува внимание, да разговараат.

Работи кои ги мразат:
Зборот „не“, да делат работи со некој друг, да бидат игнорирани, тесни места, да губат.

Можете да ги најдете:
Обидувајќи се да победат на „Music idol“; работејќи напорно за црн појас; пишувајќи и продуцирајќи соло албум.

Скриена желба:
Да бидат број еден!

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 14%
  • 24%
  • 62%
Се испраќа...

(Вкупно: 24843 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.