Почетна » Убавина и мода » Шминка » Неодоливи црвени усни – вашиот моден адут

Неодоливи црвени усни – вашиот моден адут

Црвената е несомнено моќна боја, а кога е нанесена на усните таа е знак на храброст, доминантност, сексапил, женственост, софистицираност и гламур истовремено.

Уште од времето на Клеопатра црвените усни се задолжителни за жените кои сакаат да остават силен впечаток. Модните икони како Одри Хепберн и Мерилин Монро успешно го користеле овој моден адут, а денес холивудските ѕвезди се заљубени во црвените усни повеќе од било кога.

Сега, кога се ближи сезоната на празниците, за многу жени црвените усни се примамлива опција преку која може да се портретира чувството за стил.

Жена со црвен карминЦрвените усни најдобро се комбинираат со минимална шминка на очите

Прочитајте сè што треба да знаете за да имате неодоливи црвени усни кои ќе го потенцираат вашиот стил и ќе го надополнат вашиот изглед.

Избор на нијанса

Илјадници жени ги избегнуваат црвените кармини со изговорот „мене не ми стои црвен кармин“, но модните експерти се категорични – на секоја жена ѝ стои црвен кармин ако избере правилна нијанса.

Козметичкиот пазар нуди различни нијанси на црвени кармини. Тоа од една страна е добро, но од друга, ги зголемува шансите за грешка. Како што правилниот црвен кармин може да направи да изгледате секси, софистицирано и привлечно, така погрешниот може да направи да изгледате нападно и дури вулгарно. Затоа, првиот чекор до беспрекорни привлечни црвени усни е изборот на правилната нијанса.

Експертите се согласуваат дека е најважно црвениот кармин да одговара на тенот на кожата на лицето и на бојата на косата, а не на облеката. Еве ги нивните совети:

  • Русокоси со темен тен – топли светли нијанси. Најдобар избор се кармините кои имаат нијанса на корална, портокалова или бакарна боја.
  • Русокоси со светол тен – кармини со сини подтонови. Најдобар избор се кармините кои имаат нијанса на розова или виолетова боја.
  • Бринети со темен тен – темни топли нијанси со кафеава основа. Најдобар избор се кармините кои имаат бронзена или златна основа.
  • Бринети со светол тен – кармини со нијанси на капина, јагода, малина. Најдобар избор се т.н. длабоки кармини, односно кармини со бордо и виолетови нијанси.
  • Црвенокоси со темен тен – кармини со топли нијанси кои имаат кафеава основа.
  • Црвенокоси со светол тен – кармини со потемна нијанса како црвено вино. Црвенокосите треба да избегнуваат кармини со портокалова нијанса.

Сепак, најдобриот метод за избор на совршената нијанса на црвен кармин е тестирањето. Пробајте колку што можете повеќе нијанси. Онаа нијанса која е вистинска за вас не треба да прави лицето да ви изгледа истоштено, ниту пак забите да ви изгледаат жолти.

Совет

Ако имате мали усни, не избирајте кармини со темни нијанси. Исто како што темната облека нè прави послаби, така и темниот кармин ги прави вашите усни потенки.

Секси црвени усни во 4 чекори

  1. Подгответе ги усните. Црвениот кармин го привлекува целото внимание кон усните, па затоа не треба да си дозволите тие да бидат набрчкани или испукани. Меките мазни усни се одлична основа за лесно и рамномерно нанесување на карминот.
    • Ексфолирајте ги усните со помош на четка за заби или пилинг за усни.
    • Премачкајте ги со вазелин или балсам за усни, почекајте 2 минути и отстранете го со салфетка.
    • Нанесете на усните мало количество течна пудра и над неа малку пудра во прав (овој чекор ќе придонесе карминот да трае подолго).
  2. Оцртајте ги, а потоа набојте ги усните. Црвениот кармин доаѓа многу до израз и секое излегување од природната линија на усните изгледа несредено. Исто така, со текот на времето карминот има тенденција да започне да „крвари“, т.е. да се растече. За да го избегнете сето тоа, а и за да ви биде полесно при нанесувањето на карминот, потребно е да користите молив за усни. Моливот треба да биде во иста нијанса како и карминот. Оцртајте ги внимателно контурите, а потоа набојте ги усните со помош на моливот. Боењето на усните со моливот исто така помага карминот да трае подолго.
  3. Нанесете го карминот. Црвениот кармин, како и сите други кармини во светла силна боја, најдобро е да се нанесува со четка за усни. Со помош на четката земете од карминот и најпрво нанесете на средината на долната усна. Спојте ги усните за да го размачкате, а потоа внимателно нанесете и по рабовите. Нанесете и на горната усна. На крајот, отворете ја устата и нанесете кармин на местата каде што се спојуваат горната и долната усна. Ова е област што често жените ја забораваат, па кога зборуваат доаѓа до израз нивниот пропуст.
  4. Дајте им сјај на усните. Мат изгледот прави да изгледате повозрасни и треба да го претпочитате ако користите црвен кармин за дневни прилики. Но, за вечерно излегување нема да погрешите ако ставите сјај за усни. Сјајот помага усните да изгледаат пополни. Некои експерти препорачуваат да се стави сјај само на средината од долната усна за да се создаде илузија за подебели усни.

Празничен совет

Комбинирајте класика со класика. Црвените усни се полн погодок ако планирате на празничната забава да се појавите облечени во мало црно фустанче. Црвената боја ќе ви помогне да ја разбиете монотонијата на црната облека, а освен тоа нема да бидете принудени да се грижите за пронаоѓање на соодветни модни додатоци. Мало црно фустанче + црвен кармин = едноставна елегантна комбинација која остава впечаток за непогрешливо чувство за стил.

За крај...

Црвените усни се доволно моќни сами по себе, па треба да внимавате останатата шминка на вашето лице да биде минимална. Нежно нашминкајте ги очите и ставете многу малку руменило.

Мал трик: подобро е прво да го нанесете карминот, а потоа да ги шминкате очите. Така ќе знаете кога сте ставиле доволно шминка.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 19736 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.