Почетна » Убавина и мода » Тело » Шеќерна депилација во домашни услови

Шеќерна депилација во домашни услови

Шеќерната депилација е стар природен метод за отстранување на непосакуваните влакненца по телото. Нежна е за кожата, а предизвикува помалку болка и иритација во споредба со депилацијата со обичен восок.

Шеќерната смеса за депилација се подготвува од шеќер, вода и сок од лимон, а може да се користи како шеќерна паста или како гел. Разликата е што со шеќерната паста влакната се отстрануваат во правецот на нивното растење, а со шеќерниот гел во спротивен правец (исто како и при обичната депилација со восок).

Мазни нозе

Депилација со шеќерна паста

Состојки

2 шолјишеќер
¼ шолјавода
¼ шолјасок од лимон

Подготовка:

  1. Состојките ставете ги во тенџере. Препорачливо е да го прецедете сокот од лимон за да ја отстраните пулпата и да добиете бистар сок. Ставете го тенџерето на среден оган и мешајте. На почетокот смесата има бела боја, а потоа станува проѕирна.
  2. Откако смесата ќе започне да врие, намалете го огнот. Многу е важно шеќерната смеса да се вари тивко. Постојано мешајте за да не дозволите да загори на дното.
  3. Течноста полека ќе започне да ја менува својата боја, но поради меурчињата кои се создаваат на површината, вие тешко ќе можете да ја следите промената на бојата. Затоа, одвреме-навреме, тргајте го тенџерето од огнот и со лажица црпете од смесата за да видите точно каква боја е.
  4. Смесата е готова кога ќе добие боја на мед. За да сте сигурни дека сте ја готвеле доволно, земете филџан со ладна вода и во него капнете малку од шеќерната смеса. Доколку се направи мало топче, смесата е готова. Ако веднаш се растопи без да се оформи топче, продолжете да варите.
  5. Оставете ја смесата малку да се излади, а потоа претурете ја во друг сад. Откако смесата целосно ќе се излади, земете дел од неа во раката и започнете да го месите со прстите. Додека ја развлекувате низ прстите, смесата ќе наликува на гума за џвакање. Во најдобар случај ќе слушате тивко потпукнување при секое тегнење, а бојата на смесата ќе станува посветла.

Депилација со шеќерна паста

За депилацијата со шеќерна паста не се неопходни крпчиња. Едноставно земате со раката дел од смесата, ја местите, ја нанесувате во спротивен правец од растењето на влакната и повлекувате во правецот во којшто ви растат влакненцата.

Депилација со шеќерна паста

За најефикасна депилација, следете ги овие чекори:

  1. Осигурете се дека кожата ви е целосно чиста. Истуширајте се за да ги отстраните сите нечистотии и природни масла кои се трупаат врз кожата.
  2. Нанесете врз кожата многу тенок слој бебешка пудра. Пудрата помага да се редуцира влажноста на кожата, а освен тоа шеќерната паста не се лепи премногу за кожата при што се намалува болката.
  3. Нанесете шеќерна паста СПРОТИВНО од насоката на растење на влакната. Потоа, со брзи потези повлекувајте во обратна насока. Влакната не би требало да се многу долги, бидејќи може да дојде до кинење. На почетокот премачкувајте на помала површина. Откако ќе ја совладате техниката, ќе станете похрабри и побрзи. Можете да користите медицински ракавици за смесата да не ви се лепи на дланките.
  4. Доколку има пропусти, односно ако не излегле сите влакненца, не се плашете да ја повторите процедурата. Шеќерната смеса не ја иритира кожата толку многу како восокот.
  5. На крајот отстранете ги остатоците од шеќерна паста само со млака вода.

Видео

Еве како изгледа процесот на депилација со шеќерна паста:

Предности на депилацијата со шеќерна паста

  • Шеќерната смеса е целосно природна и не содржи какви било хемикалии.
  • Влакната се повлекуваат директно од коренот, па при повторното растење се потенки и помеки.
  • Бидејќи влакната се отстрануваат во насока на нивното растење, се редуцира ризикот од нивно кинење и се намалува бројот на поткожни влакна.
  • Брзо можете да ги отстраните сите остатоци од смесата по кожата или облеката, затоа што е лесно растворлива во вода.
  • Депилацијата со шеќерна смеса е побезболна од депилацијата со восок.
  • Евтина е, можете да ја практикувате во домашни услови. Откако ќе го совладате правењето на смесата, депилацијата е особено брза.

Недостатоци на депилацијата со шеќерна паста

  • Многу е тешко да се приготви смесата, т.е. да се постигне вистинската густина.
  • При повлекувањето на пастата може да дојде до тегнење на кожата што би можело да резултира со појава на модринки.
  • Може да направите вистински неред. Сепак, што и да извалкате, лесно ќе се исчисти само со вода.
  • Топлото време ја намалува ефективноста на депилацијата, бидејќи смесата се растопува. Во текот на летните денови, можете да се депилирате непречено само ако сте пред вентилатор или во климатизирана просторија.

Депилација со шеќерен гел

Методот на депилација со шеќерна паста е малку покомплициран, па повеќето обожавателки на шеќерната депилација се одлучуваат да ја користат шеќерната смеса како обичен восок.

Шеќерната смеса која ја подготвивте според понудениот рецепт, оставете ја да се лади на собна температура. Кога ќе стане доволно ладна за да може безбедно да се нанесува на кожата без да се изгорите, искористете ја смесата како најобичен топол восок, т.е. премачкајте во насока на растење на влакната, врз неа поставете крпче и повлечете во обратна насока.

Ако смесата ви се стврдне, затоплете ја на оган, во микробранова печка, или пак, садот во којшто се наоѓа потопете го во топла вода.

Една од добрите страни на депилацијата со шеќерен гел е што крпчињата кои ги користите лесно може да се исперат и да се користат повторно.

За повеќе рецепти за шеќерна депилација, искуства и практични совети, посетете ја соодветната тема на нашиот форум: Депилација со шеќерна паста

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.