Почетна » Убавина и мода » Тело » Нега на кожата во студените денови

Нега на кожата во студените денови

Есенските денови веќе ни се секојдневие, а наскоро и зимата ќе ги покаже своите „заби“. Промената на сезоната не значи промена само на гардеробата и шминката, туку и промена на начинот на којшто ја негувате кожата.

Убава женаСтуденото време ја суши кожата, па затоа премачкувајте го лицето со крем пред излегување

Ниските температури и ветерот влијаат негативно на изгледот на кожата. Заедно со сувиот воздух во затворените простории, тие предизвикуваат кожата да биде сува, без сјај, затегната, па дури и да се лупи и иритира.

За да го избегнете суровото влијание на новата сезона врз кожата, потребно е да ја прилагодите нејзината нега кон новосоздадените услови. Еве од каде да започнете:

  • Поминувајте помалку време под туш. По долго време поминато надвор, сигурно честопати одите под туш и се обидувате со топла вода да го победите студот. Можеби тоа е најдобриот начин да се стоплите од глава до пети, но воопшто не се одразува добро на вашата кожа. Топлата вода ја дехидрира кожата и ги мие природните масла со кои таа се заштитува. Затоа, одолејте му на искушението да се туширате подолго време со потопла вода. Туширајте се не повеќе од 15 минути. Потоа нанесете на вашата кожа на лицето и телото хидратантен крем.
  • Не ја заборавајте заштитата од сонцето. Крајот на летото не значи да заборавите на заштитата од сонцето. Ултравиолетовите зраци ја „напаѓаат“ кожата и во најстудените денови од годината, дури и преку облаците. Користете крем или пудра со заштитен фактор (SPF) 15. Тоа ќе ви биде доволно да се заштитите од предвремено стареење на кожата.
  • Премачкувајте го лицето со крем 30 минути пред излегување. Во текот на овој период од годината користете крем на база на масло којшто ќе ја навлажнува вашата кожа. Половина час пред да излегувате, нанесете крем на лицето.
  • Ексфолирајте ја кожата, но не пречесто. Замислете си ја вашата кожа како огледало кое за да блеска треба постојано да се полира. Потребно е да правите ексфолијација на кожата со цел да ги отстраните мртвите клетки и вашето лице да блесне со младешки здрав сјај. Сепак, кога времето е студено, претераното користење на пилинзи може да ѝ наштети на кожата. Дури и да сте навикнати на секојдневна ексфолијација, во текот на студените денови практикувате ја најмногу 2-3 пати неделно.
  • Користете навлажнувач на воздухот. Кога надвор температурите ќе опаднат, нормално е да ги чувате прозорците затворени и греењето пуштено до максимум. Но, на тој начин воздухот ја губи влажноста и се создава неповолна атмосфера за вашата кожа, особено ако таа е сува. Многу добро решение е користењето на навлажнувач на воздух. Поставете неколку навлажнувачи низ домот за да ја одржуваат влажноста рамномерно. А ако поминувате подолго време на работното место, купете еден и за вашата канцеларија.
  • Негувајте ја кожата на усните. Нежната деликатна кожа на усните можеби и најмногу страда од ветерот и студот. Како резултат на тоа, усните стануваат испукани и непривлечни, а насмевката понекогаш и болна. Постојано носете во вашата чанта балсам за усни и никогаш не ја оближувајте устата. Пред да излезете од дома, ставете си балсам на усните. Тој ќе оформи заштитен слој.
  • Заштитете ја кожата од волнената облека. Волната ја иритира кожата, но навистина е одличен материјал за да се стоплите во студените денови. Решение? Под волнените блузи носете тенки памучни маички, кои ќе го спречат допирот на волната со кожата.
  • Хранете се соодветно и пијте многу вода. Храната богата со омега-3 и омега-6 масни киселини е добар избор ако имате проблеми со сувата кожа, а исто така и рибиното и лененото масло. Се разбира, не треба да заборавате на консумирањето на доволно количество вода. Во овој период треба да го почитувате правилото за пиење на 8 чаши вода дневно за да го претпазите телото и кожата од дехидратација.
  • Ставајте многу крем на стапалата. Стапалата треба да се негуваат и за време на студените денови. Редовно користете пилинг и турпија за да ја отстранувате мртвата тврда кожа и премачкувајте ги стапалата со многу крем за да спречите да бидат суви и да пукаат.
  • Носете ракавици за да ги заштитите рацете. Со помош на ракавици ќе ја заштитите кожата на рацете од ниската влажност и студениот воздух. Внимавајте внатрешноста на ракавиците да биде од свила или памук, а не од волна, за да ја избегнете иритацијата.
  • Не дозволувајте да останете со водени ракавици или чорапи. Водените ракавици и чорапи може да ја иритираат кожата и да предизвикаат чешање. Ако ви се случи да останете водени во рацете или нозете, при првата можност извадете ги од себе.
  • Облекувајте се на слоеви. Се случува да ги облечете најдебелите алишта за да не ви биде ладно надвор, а потоа, кога ќе влезете во затворен простор, да жалите што сте ја избрале најдебелата блуза затоа што ви е прежешко во неа. Потењето може да ја иритира кожата, а ако ви е премногу топло може да се појави и чешање. Облекувањето на слоеви ќе ви помогне да го избегнете сето тоа. Секогаш кога ќе ви биде жешко можете да соблечете едно парче облека и да се прилагодите на температурата.

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20782 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.