Почетна » Убавина и мода » Мода » Њујоршката недела на модата – колекции пролет/лето 2014

Њујоршката недела на модата – колекции пролет/лето 2014

Месецот на модата започна во Њујорк со атрактивни ревии кои ја придобија наклонетоста на модните критичари. Повеќе од 100 колекции за првпат беа откриени пред очите на будните следбеници на модните случувања.

Пред Лондон да ја продолжи модната приказна за сезоната пролет/лето 2013, погледнете низ некои од најдобрите колекции на светските дизајнери.

Ралф Лорен

Ралф Лорен заигра во ритамот на 60-тите години. Искусниот дизајнер започна со црно-бели креации, кои недвосмислено беа модификации на ученичка униформа. Лакираните обувки Мери Џејн и високите црни чорапи ја потпомогнаа таа асоцијација.

Кога прекина црно-белата игра, започнаа една по една да се редат еднобојни креации во силни бои како зелена, индиго сина, жолта и црвена.

Ralph Lauren Ralph Lauren

Дона Каран

Со урбана колекција од лесни креации инспирирани од марами, Дона Каран ги заслужи комплиментите на модните критичари. Релаксираните силуети беа надополнети со кожени ремени кои им даваа посебен шмек.

Зашеметувачката палета вклучуваше прекрасни сини нијанси инспирирани од големите води и небото, како и земјени нијанси.

Donna Karan Donna Karan

Викторија Бекам

Новата колекција на Викторија го одразува нејзиниот личен стил на облекување – едноставен и минималистички. Тесните фустани со кои таа настапи на модната сцена останаа во минатото, а на преден план застанаа поопуштени силуети и модели кои го споија машкиот и женскиот свет. „Проучувањето на нови пропорции ми дозволи да ја доразвијам мојата силуета и поставив момчешки елементи на основа на чувството за женственост...“ – пишува во белешките на Бекам.

Урбани бермуди, долги сакоа без ракави, туники и кратки фустанчиња со плисирани детали ја одбележаа колекцијата во лимитирана палета која вклучуваше црна, бела, сива, циклама и бордо боја.

Victoria Beckham Victoria Beckham

Мајкл Корс

„Мајкл Корс стана романтичар“ – изјавил познатиот дизајнер, зборувајќи за себе во трето лице, и дополнил дека колекцијата го одразува стилот на 40-тите наспроти стилот на 70-тите години.

Женственост и шарм зрачеше од развеаните фустани со А-линија, додека луксузот се наѕираше во крокодилската кожа на чантите.

Michael Kors Michael Kors

Келвин Клајн

Десетгодишнината од своето застанување на чело на модната куќа Келвин Клајн, Франциско Коста ја означи со колекција инспирирана од дела на различни уметници како Пабло Пикасо, Жан-Мишел Баскија и Гордон Мата-Кларк.

Минимализмот карактеристичен за Келвин Клајн, премина на едно ново ниво. Коста си поигра со транспарентноста, ги привлече погледите кон рабовите на креациите кои изгледаа како недовршени поради тенките реси и неочекувано вметна поживи бои како прашлива розова, ментол зелена и смарагдно зелена.

Calvin Klein Calvin Klein

Маркеса

Креаторското дуо Џорџина Чепмен и Керен Крег заборави на драмата и аристократскиот раскош кој го претстави минатата сезона и се насочи кон лесни фустани од деликатни ткаенини кои нежно се лизгаа по телата на манекенките.

Елегантните фустани од сатен, свила, тул и чипка го доловија гламурот на 20-тите, 30-тите и 40-тите години и го потенцираа сексапилот со силуети типични за ноќниците и детали карактеристични за женската долна облека.

Marchesa Marchesa

Моник Лулие

Елеганцијата е во сржта на творештвото на Моник Лулие, а вечерните фустани се нејзина специјалност. 41-годишната дизајнерка го задржа вниманието на модната публика со колекција „посветена на деликатно балансирани текстури, иновативна слоевитост и софистицирана леснотија“.

Со сигурност може да се каже дека креациите на Лулие повторно ќе го пронајдат својот пат до црвениот тепих.

Monique Lhuillier Monique Lhuillier

Оскар де ла Рента

„Убавина“. Оскар де ла Рента со еден единствен збор ја опиша својата колекција. Славејќи ја жената и збогатувајќи го нејзиниот изглед со дамска привлечност, 81-годишниот дизајнер започна со креации за дневни пригоди, продолжи со коктел фустани, а заврши со балски креации.

Oscar de la Renta Oscar de la Renta

Марк Џејкобс

Марк Џејкобс без ограничувања ја следи својата фантазија и без исклучок секогаш приредува драматични и незаборавни шоуа. За затворањето на модната недела во Њујорк, Џејкобс ги однесе своите гости во „прекрасен кошмар“. Ревијата се одржа на „плажа по апокалипса“, а манекенките изгледаа како дезориентирани деца по бродолом. Бермуди комбинирани со јакни кои потсетуваа на облеката на матадори и долги фустани во стилот на викторијанската ера ја преплавија мрачната писта.

Инспирацијата Марк ја пронајде во уметничкиот настан „Burning Man“ и во својата муза Џеми Бохерт.

Marc Jacobs Marc Jacobs

Анкета

Анкета
Дали си имате направено естетска корекција на лицето?
  • 15%
  • 24%
  • 61%
Се испраќа...

(Вкупно: 20853 гласа)

Цитат

Животот е како монета. Можете да ја потрошите како сакате, но можете да ја потрошите САМО ЕДНАШ.

Лилиен Диксон

Виц

Брачните расправии се како да читаш „Правила и услови за користење“ на интернет.

На крајот посекако завршуваш со: „Се согласувам“.