Очила со класични и ретро форми, интригантни детали и огледални стакла ќе ги привлекуваат модерните хероини во текот на сончевата сезона. Зачувајте ги очите во сенка и зачинете го секој летен аутфит со очила кои гласно зборуваат за вашето чувство за стил.
Фрлете поглед на седумте највлијателни модни тенденции кај очилата за сонце за сезоната пролет/лето 2013.
Огледални авијаторки
Огледалните стакла се најголемиот тренд кај очилата за сонце, а кога ќе ги споите со класичните авијаторки, бидете сигурни дека имате модернистичка комбинација која магнетски привлекува погледи.
Очила за мачкин поглед
Флертувајте со сончевите зраци со очила со драматични рамки за мачкин поглед. Закосените рамки го доловуваат привлечниот ретро шарм и лесно се вклопуваат во женствените модни комбинации.
XXL очила со четириаголни рамки
Големите очила кои покриваат поголем дел од лицето, а имаат четириаголни рамки, се провлекуваат во модните трендови неколку сезони и никако не губат од својата популарност поради мистериозниот и гламурозен ефект кој зрачи од нив.
Очила со впечатлива горна рамка
Украсете го лицето со очила со горна рамка која остава силен впечаток благодарение на силната боја, динамичниот принт или нестандардната форма. Не се за занемарување и очилата со полу-рамка.
Очила во совршен круг
Инспирирајте се од хипи модата во 60-тите и дајте им шанса на кружните очила да го комплетираат вашиот изглед. Мали ленонки и средни или големи очила во совршен круг се дел од модерниот ретро бум.
Очила со дезенирани/бели ретро рамки
Рамки со винтиџ цветни принтови и риги ја враќаат ретро модата од пред неколку децении. Но, доколку не сте обожавателка на рамките со разиграни принтови, нема да погрешите со изборот на очила со бели рамки за ретро шмек.
Очила со декорирани рамки
Метални и пластични декорации во форма на цветови, бисерчиња и орнаменти ги красат очилата за сонце кои по брз пат од модните писти преминаа во плакарите на светски познатите блогерки и урбаните кралици на уличниот стил.
Мини трендови
- Рамки со животински принт;
- Тенки златни рамки;
- Проѕирни рамки.