Обувките како женска опсесија можеби најмногу го будат интересот кон новите модни трендови. На прашањето какви чевли и чизми се најтренди оваа есен и зима, дури и на модните инсајдери би им било тешко да дадат конкретен одговор.
Но, тоа не значи дека во целото трендовско разнообразие не можат да се издвојат неколку најактуелни модни тенденции кои ќе станат исто толку доминантни на улиците колку што беа и на модните писти.
Без многу празни зборови, еве ги новите трендови кај обувките за сезоната есен/зима 2011-2012:
Змиска кожа
Речиси ниту една колекција на виден дизајнер на обувки не помина без змиски (а понекогаш и крокодилски) мотиви. Егзотичниот изглед на змиската кожа како магија ги освои модните креатори, па тие ја наметнуваат како задолжителен моден украс, било да е на обувките или модните додатоци.
Лакирани vs. велур
Лакираните чевли се огромен хит, но исто така актуелни се и обувките од велур. Што и да изберете, мат или блескав изглед, ќе бидете во чекор со последните трендови.
Женствен приказ на машкоста
Неколку сезони дизајнерите експериментираат на границата помеѓу машкоста и женственоста и како резултат на тоа чевлите во машки стил станаа примамливи и задолжителни за секоја модна зависничка. Оксфордките се одличен избор доколку сакате да го следите овој тренд.
Гломазни и откачени
Трендовите оваа сезона ќе ве однесат во екстремности, т.е. нема да погрешите ниту ако изберете елегантни чевли во минималистички стил, ниту ако изберете нешто откачено, неочекувано и гломазно. Големата дебела штикла, големата платформа или воочливите детали на самите обувки ќе ве издвојат од топлата.
Тенка штикла
Тенката штикла е ултра модерна оваа есен и зима. Можеби не изгледа многу практично, но зрачи со елеганција, еротичност и сексапил.
Блескави и неодоливи
Светликавите чевли изгледаат смело и гламурозно, па можеби тоа е и причината што дизајнерите посакаа да ги вратат на модната сцена. Сепак, овие обувки си имаат и негативна страна затоа што треба да внимавате со што ги комбинирате. Премногу блескав аутфит не е воопшто пријатен за очите.
Инспирација од баба
Чевлите кои обично ги нарекуваме старовремски и кои можете да ги најдете во шкафчето на баба прават мал кам-бек. Добрата страна кај нив е што се многу удобни и се одлично дополнување на секојдневниот изглед за на работа.
Врвки vs. ремчиња
Обувките со врвки се интересен тренд кој го обожаваат оние што знаат да се забавуваат со својот стил. Ремчињата пак се погодни за да се избегне минималистичкиот стил и да се разнообрази изгледот.
Ремче на глуждот
Вашата колекција обувки не би била комплетна без еден пар обувки на платформа со ремче на глуждот. Овие обувки многу наликуваат на чевлите тип „Мери Џејн“, но имаат свој современ шмек.
Чизми со полни потпетици
За трчање по дождот и пешачење по снегот нема ништо попријатно од чизми со полни потпетици. Така ем ќе бидете поткачени и вашите нозе ќе изгледаат подолги и послаби, ем нема да ја губите рамнотежата и слободно ќе се движите без болки во стапалата.
Чизми до над колена
Уште еднаш ќе си потврдите дека високите чизми кои си ги купивте минатата зима беа разумна инвестиција. А ако пропуштивте да го направите тоа, можеби сега ќе се почестите со еден ваков пар, бидејќи нивната атрактивност со полна сила ќе го достигне врвот на популарноста. Како мини тренд се појавуваат високите чизми со врвци.
И уште неколку мини трендови:
- Леопардски принт. Покажете ја вашата дива страна со чевли или кратки чизмички со леопардски принт.
- Моторџиски чизми. Моторџиските чизми навистина изгледаат грубо, но можат да придонесат за создавање на незаборавни храбри комбинации, па ставете ги на вашата шопинг листа.
- Чорапи над чизми до глужд. Оваа зима извадете го на виделина вашиот експериментаторски дух со тоа што ќе покажете дебели чорапи над вашите чизмички до глужд.
- Чипка. Иако поретко, чипката остана како секси материјал со кој дизајнерите ги разубавуваа своите колекции.
Стилот се гради од глава до пети, па обувките се исто толку важни за вашиот комплетен изглед колку и облеката. Не дозволувајте студените дождливи денови да му наштетат на вашиот стил.